ВМРО-ДПМНЕ ја повика пратеничката Радмила Шеќеринска да даде одговор за вредноста на нејзината имотна состојба.
– Шеќеринска поставува прашања за имотна состојба на членови на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е сосема легитимно и ние како партија немаме проблем со тоа. Напротив. Но Радмила Шеќеринска покрај прашања, денес треба да даде и одговори. И тоа е легитимно. Се надеваме дека и за неа нема да биде проблем да даде одговор.
ВМРО-ДПМНЕ ја обвини фамилијата на Шеќеринска за поседување на огромен недвижен имот:
– Радмила Шеќеринска со својот сопруг имаат 4 стана во Скопје и еден во луксузниот дел на Охрид, во вкупна големина од 389 метри квадратни. Јас искрено и не познавам друга фамилија која во Скопје и Охрид, во урбаниот и централен дел на градот има толку голем недвижен имот. Ако имаме во предвид дека тој имот има висока вредност, просечно по 1 300 евра за квадратен метар, тогаш доаѓаме до факт дека само становите на семејството Шеќеринска вредат најмалку 505.700 евра. Фамилијата Шеќеринска-Јанковски само во станови има пола милион евра. Она што за нас е исклучително значајно и сомнително е што овие станови се стекнати во периодот од 2006 до 2011 година. За само пет години, пет стана во вредност од најмалу 500.000 евра. Тоа е период кој е веднаш после периодот во кој Радмила Шеќеринска беше потпретседател на Владата на Република Македонија. Г-ѓата Шеќеринска ќе мора да одговори на овие прашања. Да видиме дали сите тврдења на медиумите за нејзиниот луксузен стил на облекување и живеење се вистина. Да видиме дали еден толку богат човек може себеси да се претставува за социјалдемократ или само ја користи и злоупотребува политиката за други цели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.