ДУИ нема никаква препорака до министерот за правда, Блерим Беџети, кој е од нивните редови, за барањето на ЗНМ за аболиција на новинарот Томислав Кежаровски. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не сакаше да го коментира ова барање, но нагласи дека таквата евентуална постапка на министерот би била политичка.
Ахмети не ја коментираше ниту пресудата за Кежаровски која наиде на реакции од домашни и меѓународни новинарски организации. Лидерот на интегративците не го поддржа барањето на СДСМ за разрешување на спикерот Трајко Вељановски.
„Случајот со Кежаровски е случај со кој се занимаваат судовите. Министерот за правда може да ги разгледа случајот и пресудата, но тоа повеќе би била политичка оценка, отколку судска. Јас не можам да коментирам судски случај“, вели Али Ахмети, претседател на ДУИ.
„Мислам дека барањето за разрешување на претседателот на Собранието е политичко барање на опозицијата, во овој случај, на најголемата опозициска партија, СДСМ, така што ДУИ нема да биде дел од политичките сценарија на СДСМ и ние нема да ги разгледуваме барањата на опозицијата“, вели претседателот на ДУИ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.