| четврток, 6 декември 2018 |

Видео: ВМРО-ДПМНЕ не сака разрешување на Вељаноски

ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува предлог-одлуката за разрешување на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, и таа не мора да биде ставена на дневен ред на седница бидејќи не е во форма на интерпелација, изјави денеска пратеникот Илија Димовски.

– Би сакал да потенцирам многу јасно. Одлуката за разрешување на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, нема поддршка од нас. Барањата за Анкетната комисија и за надзорната расправа треба да бидат во согласност со Деловникот и Законот за Собрание, а не онака како што СДСМ се обидува да наметне – нагласи Димовски.

Според него, очигледно е дека со секоја постапка СДСМ внесува дополнителни проблеми како внатре во државата, така и на надворешен план.

– Не ги признаваат институциите и нивните одлуки, но само во случај кога се работи за нивни членови. Не го почитуваат интегритетот на избраното мнозинство во Собранието, не ги почитуваат судските одлуки и постапки повторно само кога станува збор за нивни членови – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Центарот за комуникации на партијата.

СДСМ денеска во Собранието најави дека ќе поднесе предлог-одлука за разрешување на првиот парламентарец и оти ќе бара одржување надзорна расправа за нарушување на пресумпцијата на невиност, злоупотреба на притворот, загрозувањето на правото на изразување и медиумската слобода и одржување на посебна седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top