На иницијатива на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ), заедно со Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски – Луј“ и семејството на патронот, денеска се одбележува голем јубилеј – 100 години од раѓањето на Илија Николовски-Луј.
Овој значаен јубилеј се чествуваше во Фоајето на Македонската опера и балет, со почеток во 12 часот, со прикажување на документарниот филм „Илија Николовски – Луј“, Сеќавања 1913 – 1973 – 2013“ и концертна програма со настап на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“. Автор на документарниот филм е нашиот истакнат музиколог и музички новинар, Бранка Костиќ Марковиќ (и самата поранешен ученик во ова училиште), која се впушти да трага по одговорот на нејзиното единствено прашање: Кој беше всушност Илија Николовски – Луј?
Немајќи ја можноста да го запознае лично и немањето доволен квантум на публикувани податоци за него, таа се решава да стигне до одговорот преку сеќавањата на некогашни ученици и наставници на училиштето. За само еден месец успева да се сретне со десетина истакнати македонски уметници со кои со задоволство си приспомнуваат за нивниот авторитетен и почитуван директор (кој на таа функција бил цели 26 години), за грижливиот „втор татко“, за строгиот, но хуман човек, за визионерот со неверојатно чувство за препознавање на талентот кај учениците и потенцијалот за педагошка работа кај наставниците. На тој начин, авторката преку туѓите искуства прави обид за виртуелно портретирање на ликот и делото на Илија Николовски Луј, личноста чии заслуги за развојот на македонското музичкото образование и култура се немерливи.
Илија Николовски Луј е роден на 07.10.1913 година во Прилеп. Првите сознанија за музиката ги добил од музичките раководители на Културно уметничките друштва, за да подоцна се школува во Белград и Софија. Во 1944 година пристапува на Народно ослободителната војска на Република Македонија и раквооди со хорот на Втората и Петтата Пролетерска Бригада. Исто така формира и Дувачки оркестар кој одиграл значајна улога за ширење на музичката култура меѓу припадниците на НОВ и граѓанството. По ослободувањето, поточно 1948 година, Илија НиколовскиЛуј е поставен за директор на Средното музичко училиште во Скопје, на која должност останува до 1973 година, до неговата смрт. Во текот на неговото 25годишно раководење, успеа да води успешна кадровска политика за единствената музичка педагошка инситтуција, каде што се образуваа првите кадри потребни за Македонската Филхармонија и Операта и се создаваше погодна почва за отворање на Високата музичка Школа. Илија Николовски Луј активно учествуваше и во изработка на учебници по музичко образование, но значајно е дека се занимаваше и со компонирање за што сведочат неговите дела Збирка за 12 песни за детски хор, Маршот на Македонија, како и поголем број оркестарски аранжмани за Дувачки оркестри. За својата работа и за успесите постигнати на музичкото поле, одликуван е со Орден на Трудот од трет степен, Орден за Храброст, Орден за Братството и Единството со Сребрен Венец, а добитник е и на Ноемвриската Награда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.