Годинава Остен – уметност на хартија одбележува голем јубилеј, 50 години Светска галерија на карикатури. Во 2018 година е редовното издание на Остен – Биенале на цртеж.
-За промоција на овие две активности во следните три месеци е планирана разновидна програма, вели извршната директорка на „Остен“ Корнелија Конеска.
Во програмата се предвидени изложби, церемонија на доделување на награди и признанија, промоција на публикации од издавачката дејност на Остен и премиера на документарен филм. Официјалната програма ќе се одвива од денеска до 13 декември 2018 во галерија Остен, во Национална галерија на Македонија – Чифте амам и во ЕУ инфо центарот во Скопје.
Централниот настан ќе биде на 22 ноември година во Чифте амам, каде е предвидено отворање на изложбата на селектираните автори на Остен – Биенале на цртеж Скопје 2018, доделување плакети и признанија на наградените уметници, отворање на документарната изложба „Светска галерија на карикатури (1969 – 2019) и доделување плакети на наградените карикатуристи на 50-та Светска галерија на карикатури Скопје 2018. Ќе бидат доделени и признанија на соработници на Биеналето на цртеж и на Светската галерија на карикатури.
Конеска нагласи дека на Остен – Биенале на цртеж Скопје 2018 досега пристигнале најмногу пријави, од 868 автори од 61 земја од светот. Пристигнале вкупно 2.317 дела. Во март годинава беше соопштено дека Гран при за животно остварување доби Пјер Сулаж од Франција, а Хенри Мур постхумно е добитник на наградата Светско културно наследство.
Таа информира дека по селекцијата, интернационаното жири во состав Манос Стефанидис од Грција, професор на државниот универзитет во Атина и куратор на Националната галерија на Грција, Соња Абаџиева од Македонија – историчар на уметност, куратор и критичар и Мелани Зеферино од Обединето кралство/Италија – теоретичар и куратор со крос-дисциплинарна заднина, куратор на Биеналето на современа уметност Фиренца одлучило за доделување на наградите.
Оваа година се доделени и две посебни Гран при награди. Родољуб Анастасов е добитник на Посебно Гран при за извонредни уметнички достигнувања, а Посебно Гран при за придонес во светската уметност доби Пасквале Целона од Италија.
Првите награди на Остен – Биенале на цртеж 2018 се доделени на Себастијан Лубински од Полска – прва награда за цртеж, Олга Тобрелуц од Русија – прва награда за графика, Барбара Крол од Германија – прва награда за сликарство на хартија, Петре Николоски од Обединето кралство – прва награда за оригинално дело од хартија, Агњешка Јанкиевич од Полска-прва награда за млад уметник.
Доделени се три посебни награди од жири на Дарко Талески од Македонија, Херман Нордермен од Холандија и Анахита Јунеси од Иран и едно посебно признание од жири на Дорота Комар Змислони од Полска.
– Во соработка со Светската асоцијација на визуелни уметности традиционално се доделуваат награди на Остен – биеналето на цртеж. Наградата Уметник на светот на Франко Векиет од Италија и рамноправни три награди „Млад балкански уметник“ на Тијана Којиќ од Србија, Трајана Панајотова од Бугарија и Кристина Ѕани од Грција. Награди „Златен остен“ добија Ева Францова од Чешка, Нина Ансари од Германија, Светла Радулова од Бугарија, Сузана Мартин Виларубиа од Шпанија и Ахмед Албајрак од Турција, рече Конеска.
Награда „Остен“ добија Босук Ли од Јужна Кореја, Милан Андов Македонија, Харис Кондосфирис од Грција, Ангел Паневски од Германија и Јулио Гарај Теразас од Перу. Наградата на „Остен“ за легат му припаднала на Невзат Бејтули Кица од Македонија, наградата за индивидуално претставување на Хелен Шулкин на Германија, а уметниците од Бугарија ја добија наградата за национално претставување.
На прес-конференцијата присуствуваа уметникот Родољуб Анастасов и карикатуристот Драган Поповски, автор на публикацијата „50 години Светска галерија на карикатутри (1969 – 2019)“.
Во галеријата „Остен“ веќе е поставена првата изложба – дела од добитниците на главните награди: Пјер Сулаж и Хенри Мур од колекцијата на Остен Музејот на цртеж. Изложени се фотографии од францускиот фотограф Рено Рулман, кој ја документираше средбата на претставниците на Остен кои му врачија Гран при – статуетка (од авторот Петар Хаџи Бошков) на Пјер Сулаж во неговиот дом во Сет, Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.