Македонскиот шампион во женска конкуренција Вардар го декласира тимот на Подравка Вегета и славеше со 39-26 во натпревар од третото коло во Лигата на шампионите. Скопјанки веројатно ја забележаа и клучната победа за пласман во следната фаза, иако до крајот на фазата по групи имаат уште 3 дуели.
Победникот во салата „Борис Трајковски“, која сезонава во елитното натпреварување е вистински бедем, беше познат уште по првото полувреме кога Вардарки обезбедија предност од 18-7. Скопје е единствен град во Европа со три претставници во Лигата на шампионите, а „Борис Трајковски“ успешно одолеваше досега на атаците на Барселона, Пари Сен Жермен, Ларвик, а вечерва бодовите не успеа да ги освои ниту Подравка.
Напротив Вардар беше супериорен, предводен од извонредните Андреа Лекиќ, Јованка Радичевиќ, голманката Амандин Лејно, потоа и од Зебиќ, Ѓокич, Пино, Дембеле и сите девојки во „црвено-црни“ дресови што настапија против хравсткиот тим. На крајот со овации од публиката Вардарки ги испратија гостинките со убедлив пораз од 13 гола разлика.
Интересно и машкиот состав на Вардар денеска забележа победа од 13 гола разлика, со 37-24 против Вакер Тун во Швајцарија, па симпатизерите на „црвено-црните“ бои со право се радуваат на успешните настапи на ракометните состави на Вардар.
Јованка Радичевиќ го предводеше разиграниот и распеан ракометен оркестар на Индира Кастратовиќ со 8 погодоци, а Андреа Лекиќ и Маја Зебиќ постигнаа по 7 погодоци. Амандин Лејно бранеше извонредно, Ѓокиќ и Дембеле беа сосема солидни како најава за успешен настап во следниот меч против истиот ривал, но овојпат нагости во Копривница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.