Лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска пред Основниот суд образложи зошто се собрале пред судската институција:
Побаравме да не прими Претседателот на Основниот суд Скопје I за да ја потврдиме нашата намера изразувајќи протест во знак на солидарност, не за да вршиме притисок врз судот, напротив нашата намера е да пуштиме силна порака да се почитува законот во Република Македонија и да се охрабрат почитуваните судии кои носат одлуки и да се одважат при носењето на тие одлуки да ги почитуваат законските одредби. Овој суд припаѓа на една друга власт сосема независна, но исто така и локалната власт е сосема независна власт. Законот ги нуди сите аспекти на олеснителни околности за да може да функционира локалната власт. Од тие причини, имаме човек кој што нема да побегне, напротив тој се враќа назад.
Драго ми е што е уапсен во Виена е не во Америка, со тоа се покажува дека се враќа назад и дека многу брзо ќе биде овде за да се брани пред се од слобода и да ја докаже својата невиност. Уште еднаш околу тоа што значи блокирањето на Општина Центар и колку се важни одлуките кои се носат, но притоа законот реално ги дава сите други можности, кои што значат, одземање на патна исправа, нудење под хипотека на имотот на Шиповиќ, еднаш неделно да се јавува пред овој суд. Исто така ги нудиме и нашите станови кои што не се под хипотека, мојот стан, станот на Радмила Шекеринска, становите на нашите членови на раководството, се со крајна цел да добиеме право Шиповиќ да се брани од слобода. Тој се враќа овде убеден исто како и ние дека не се огрешил пред законот, секако тоа треба да се докаже пред суд. Секако не сакаме да има амнестија за Шиповиќ.
Сакаме судот да согласно законските одредби да си ја заврши работата. Со тоа сакаме силно да испратиме порака до МВР и Јавното обвинителство. Тоа се институции чии што челните луѓе се поставени од власт. Непочитувањето на пресумцијата на невиност и леснотијата при испорачување на барање за притвор, станаа веќе секојдневна пракса во Република Македонија.
Како што вели еден мој пријател, сите денеска носиме една жолта трака на левата рака, фигуративно кажано, само прашање на време е кога кој ќе биде повикан под туш. Овој страв и сила кои што се демонстрираат апсолутно ние нема да ги дозволиме. Од тие причини согласно законот без никакво мешање на било кој политичар во судската власт бараме правичност и правда за секој од притворените и за секој осомничен досега и во иднина.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше:
Собирот на СДСМ кој денес го организираа пред основниот суд е класичен пример за вршење на политички притисок врз независната судската власт. Зоран Заев се дрзна дури и да дели насоки како судот треба да работи. Никој во Република Македонија, ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ, не смее да се меша во работите на судската власт, а уште помалку да одлучува и да дели насоки какви постапки ќе превземаат легитимните судски органи.
СДСМ во многу наврати наназад покажа дека не ја почитува самостојноста на судската власт во ситуации кога некој член од највисокото раководсвто на СДСМ е обвинет за криминал. Јавноста добро се сеќава на снимките кога Радмила Шекеринска се туркаше со полицијата и кога се обидуваше насилно да влезе во судот. СДСМ и Андреј Жерновски мора да престанат да користат уцени и лаги, со цел да го заштитат Мирослав Шиповиќ, за кого надлежните институции имаат основано сомнение дека сторил криминал.
Единстево нормална постапка би била да им се дозволи на институциите да ги спроведат сите постапки и да донесат одлуки врз основа на закон, како и за секој друг случај.
Неосновани и лажни се тврдењата на СДСМ и Жерновски дека Советот во Општина Центар не може да функционира. Повторуваме дека, според Законот, доколку Шиповиќ се повлече или поднесе оставка на негово место доаѓа следниот од листата на СДСМ. На тој начин Советот во Општина Центар ќе може пак да функционира онака како што сака Андреј Жерновски и СДСМ. Дополнително за сите одлуки кои се во интерес на граѓаните (за парно греење, за градинки, за училишта, за урбанистички планови и сл), поддршка ќе даваат и советниците од ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно дека Андреј Жерновски ја злоупотребува оваа ситуација како изговор да не ги реализира ветувања од локалните избори, затоа што и досега ништо не направи. Како и обично тој ужива во улогата да изигрува жртва, па затоа сега и сам се прогласува дека ќе биде апсен.
Ова е крајно неодговорно.
Наместо со закани за насилно рушење на демократски избрана власт, СДСМ и Жерновски треба да се занимаваат со тековната работа на Општина Центар.
Легитимитетот на секоја власт ја даваат само граѓаните и само тие може да одлучуваат кој и до кога ќе биде на власт. Граѓаните веќе неколку изборни циклуси ја даваат довербата на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ токму поради вцаквата деструктивна политика базирана на лаги , уцени и повици на насилство ги губи последните 7 изборни циклуси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.