Бродот на фудбалската репрезентација на Македонија потона на дното на табелата во групата А, а се спасува кој може. Горан Пандев е ослободен од обврските поради барањето на Наполи да биде поподготвен за настапите во Серија А и нема да игра утре против Србија во Јагодина. Пред него кормилото на селекцијата А го напушти селекторот Чедомир Јаневски.
Ако не ја победиме утре Србија, не ни бега фенерот во првата квалификациска група, а како се однесуваат поединци со репрезентацијата, дното и не можеме да го избегнеме. Пандев е најмалку виновен, некој му дал „пас“ да си замине и да не игра во Јагодина. Јаневски е поинаква приказна, тој го напушти накривениот брод предвреме и по сопствена волја за да биде тренер во Монс, тим што е последен во белгиската Прва лига.
Вакви лупинзи се несфатливи за сериозни репрезентации што играат квалификации на планетарно ниво, макар и да се загубени шансите за посериозен исчекор.
Размислува ли некој како се чуствувааат фудбалските симпатизери на Македонија, или сега пак ќе ни се продаваат приказни дека „не се предаваме докрај“, или дека „ќе го дадеме максимумот и ќе одиме на позитивен резултат и во Јагодина“.
Како до успех, ако атмосферата ви е нарушена и што е најлошо самите упорно си ја уривате. Ниту Велс, Шкотска, Хрватска и Србија не успеаја да го сторат тоа што ние самите си го направивме во само еден квалификациски циклус. За жал, не ни е првпат. Бегање од одговорноста пак ќе има и никој нема да биде виновен за новиот неуспех на репрезентацијата. Тоа е веќе јасно како бел ден и се репризира од циклус до циклус.
А реално последното место што ни се насмевнува е голем дебакл. Групата не беше тешка и, освен Белгија која супериорно го освои првото место, сите останати селекции одиграа под можностите.
Хрватска, која може многу повеќе според индивидуалниот квалитет на Манџукиќ, Модриќ, Срна и останатите европски ѕвезди, имаше климава атмосфера. Јавноста не го сака селекторот Игор Штимац, во ХНС вриеше постојано, но ние им подаривме најмалку два бода, и против нив забележавме два порази.
И екстра-талентираните „орли“ од Србија не беа на посакуваното ниво. Тие имаат и искусни екстра-ѕвезди од калибарот на Бане Ивановиќ, Немања Видиќ, Александар Коларов… и многу талентирани млади играчи како Љајиќ, Митровиќ, Марковиќ, Ѓуричиќ…, но селекторот Синиша Михајловиќ опасно ги измеша „лончињата“, па и тие рано се простоија од патот за Бразил.
Скромни игри прикажа и некогаш реномираната Шкотска, одамна без ведети од калибарот на еден Далглиш или Страхан. Во сивилото се вклопи и Велс. Змаевите ги уништи сагата со Герет Бејл и предолгиот трансфер од Тотенхем во Реал Мадрид.
И во таква група со селекции кои имаа многу проблеми, исклучувајќи ја моќната Белгија, Македонија пак не ја искористи шансата. Истото сценарио ни се повторува со години, само местата се променети. Од четвртата позиција не можеме да мрднеме, а сега и фенерот од А групата силно ќе ни свети до следниот циклус квалификации. Освен ако утре не направиме подвиг во Јагодина и ја победиме Србија, што ќе биде рамно на чудо.
За најупорните фудбалски симпатизери, тие што никогаш не се предаваат, мечот во Јагодина може да се следи на јавниот сервис (МТВ), утре од 20.30 часот.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.