Овојпат парижани немаат забелешки на жешката атмосфера во салата „Борис Трајковски“ како што тоа беше по мечот со Металург кога беа поразени со 28-30. Напротив, веројатно прифатија дека пеколниот амбиент што во Скопје се повторува од викенд во викенд е голем плус за европскиот ракомет, а тоа што вечерва го приредија Вардаровите навивачи наиде на комплименти и на официјалната клупска веб-страница на Пари Сен Жермен.
„Навивачите на Вардар приредија спектакл што заслужува филмско сценарио во Холивуд. Тифозите ја направија Ајфеловата кула како гори во македонскиот вулкан“, пишува на официјалната веб-страница на ПСЖ.
Со прекрасна 3Д-кореографија, „Комити“ ја најавија пеколната атмосфера на ракометната „Маракана“ во Скопје. Во текот на сите 60 минути вулканот работеше и му помогна на Вардар да стигне до вредно реми против најбогатиот ракометен клуб на планетата.
„Резултатот за ПСЖ е далеку од очекуваниот, иако бевме блиску до победа. Но, Македонците мислеа поинаку, беа упорни и повторно нѐ сопреа во намерата да освоиме 3 бода во Скопје“, пишува на „psghand.fr“.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.