| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ не смее да се става над законите (видео)

Обидот на СДСМ да го амнестира Мирослав Шиповиќ пред за тоа да се изјаснат надлежните органи претставува преседан и е неоправдано. Очигледно дека институциите на системот располагаат со информации според кои претседавачот на Советот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ  може да се смета за осомничен за учество во милионска проневера и тие, институциите, се единствено надлежни да го дадат финалниот одговор. Ниту една партиска функција и ниту една партиска говорница не смее и не може да го амнестира Шиповиќ или кој било друг политичар од вина за учество во криминал, за кој очекуваме институциите да донесат одлука – посочи денеска Томислав Лазаров, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар.

Тој нагласи дека фактот што се советници во Општина Центар не ги прави поинакви и не им дава имунитет за извршување  кривични дела или за изоставување од кривични постапки во кои постои основано сомнение.

– Во оваа држава мора да се почитува пресумпцијата на невиност, како што бара опозицијата, но мора да се почитува и законот, кој важи еднакво за сите. Аргументот на Жерновски  и на СДСМ дека на овој начин се сака да се добие мнозинство во Советот на Општина Центар е неодржлив и неоснован – коментира тој и додава:

– Мирослав Шиповиќ е централна фигура во афера во која сомневањата се дека тој, како претседател на Управниот одбор на „Машинопромет“, преку претходно организирана група проневерил околу еден милион евра.  Оттука СДСМ, како негова матична партија, треба да му наложи на Шиповиќ веднаш, од морални причини, да си поднесе оставка и Државната изборна комисија да го именува  за советник следниот од листата на коалицијата предводена од СДСМ.  Секој друг обид да се протне која било друга теза е чиста манипулација. Нема никаков простор и аргумент  за тоа дека ова е случај што е политички мотивиран. Ова е случај во кој се докажува спроведливоста на законите.  Ние како советничка група стоиме на располагање и сме конструктивни во интерес на граѓаните на Центар. Сите околности  треба во целост да се испитаат и надлежните институции да ги утврдат фактите.  Доколку се докаже дека Мирослав Шиповиќ е виновен за сторен криминал од еден милион евра, ние се надеваме дека и советниците на СДСМ од Општина Центар нема да сакаат да ги води човек што направил таква проневера. Затоа  СДСМ не треба да брза со заклучоци пред да види за што се работи. СДСМ не смее да излегува со неоравдани квалификации, исто како што правеа за сите случаи досега за кои подоцна се утврди дека биле криминални. Така тие испраќаат погрешна порака дека ако некој е од СДСМ не смее да одговара за сторен криминал и треба да биде заштитен. СДСМ не смее да се става над законите.  Тие важат за сите еднакво. Прекршувањето на законите треба и мора  да биде санкционирано и тука нема дилеми, без разлика дали е некој член на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ, на друга политичка партија или воопшто не е член на партија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top