| четврток, 6 декември 2018 |

Пари Сен Жермен повторно во Скопје, Вардар сака пак да ги испрати со празни раце

Најскапиот ракометен состав во историјата на Лигата на шампионите, Пари Сен Жермен, повторно ќе биде гостин во Скопје, овојпат на македонскиот првак Вардар, кој сака да ги испрати парижани со празни раце дома, како што тоа го стори Металург. Рецептот би требало да биде сличен, но овојпат и гостите доаѓаат со поголем респект и сакаат да избегнат нов пораз во нашиот главен град. Натпреварот се игра в недела од 20.30 часот во салата „Борис Трајковски“.

– За нас ова не е меч да се биде или не. Ќе влеземе во пресметката со ПСЖ како да е обичен натпревар во кој, сакаме да признаеме или не, францускиот тим е фаворит. Сепак, ние ја кренавме летвичката повисоко со ремито со Барселона, тоа го стори и Металург со победата против ПСЖ и сега и фаворитите поинаку ќе се подготвуваат и настапуваат во Скопје. Не можат да ни ја одземат шанса да се надигруваме, и со борбеност и срце на терен можеме да забележиме успех. Ситуацијата е специфична кај нас и немаме време за драстични промени. Верувам дека публиката, која е најдобра на светот, ќе присуствува на еден убав натпревар. Секој бод е важен во Лигата на шампионите, а ако на некој меч ни требаат бодови, тоа е следниот дуел во Швајцарија против Тун – изјави Андон Бошковски.

Најголема опасност според вардарци е Микел Хансен, еден од најдобрите бекови на планетата. За тренерот на „црвено-црните“ Даниел Нарцис е најдобриот ракометар во последните 5-7 години.

– За жал, не верувам дека Хансен повторно ќе одигра лошо во Скопје, како против Металург. Опасен е и Нарцис, според мене ракометар број 1 во последните години. Најдобро е против ПСЖ да играме одбрана 5-1, но имаме проблем со тој вид формација поради тоа што во текот на играта мора да менуваме. Имаме играчи што играат само во напад, па измените во текот на мечот ни пречат да ја играме посакуваната одбрана – додава Бошковски.

Адут на Вардар од линијата од 6 метри ќе биде и македонскиот репрезентативец Стојанче Стоилов. Тој игра сѐ подобро во реновираниот состав на „црвено-црните“.

– И покрај турбулентниот период во клубот, останавме на нозе. Знаеме кој е ПСЖ, а по поразот од Металург, доаѓаат со поголема доза респект. Не велам дека ќе ги победиме, но сигурно ќе им пружиме отпор и ќе се надигруваме. Атмосферата ќе биде пеколна, имаме посебни мотиви и ако одиграме рационално и мудро во нападот, имаме квалитет да им се спротивставиме на гостите од Париз – вели Стојанче Стоилов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top