Женскиот ракометен клуб Вардар очекува празничен спектакл в петок, на 11 октомври, против норвешкиот гигант Ларвик, а тоа ќе биде дуел на двете непоразени екипи по првата рунда во Лигата на шампионите. Вардар славеше во Шпанија против Бера Бера, а Ларвик ја декласира Подравка.
– Ларвик во светот на женскиот ракомет е на ниво на ПСЖ и Барселона кај мажите. Ја повикуваме публиката да дојде и да нѐ бодри против екипа што е многу силна – вели Гордана Нацева.
Мечот се игра во сaлата „Борис Трајковски“ од 18.30 часот.
– Не сум многу задоволна од претставата во Шпанија против Бера Бера. Од тој меч треба да извлечеме голема поука. Верувам во девојките, можеме да направиме големо нешто со поддршка од публиката. Знаеме кој е Ларвик, но долго се подготвуваме за овој натпревар. Од борбеноста на моите ракометарки зависи дали ќе бидеме успешни в петок. Знаеме дека Сесил Легангер нема да брани за норвешкиот тим, но ние повеќе мислиме на нивната контра и како да ја сопреме брзата игра на Ларвик отколку на отсуството на нивниот голман. Ќе се фокусираме само на нашата игра. Ни треба малку повеќе дисциплина и потечен напад. Можеби имаше и грч на првиот меч во Шпанија бидејќи се знае дека првиот натпревар е секогаш тежок и постоеше притисок. Клучни за нас се пресметките со Бера Бера и со Подравка за евентуален пласман натаму – изјави Индира Кастратовиќ, стратегот од клупата на ЖРК Вардар.
Јулија Николиќ ќе биде меѓу главните адути на домаќинките за подвиг против силниот состав на Ларвик.
– Максимално се подготвуваме. Ларвик е многу силен противник, но ако се бориме докрај, имаме изгледи за успех – рече поранешната македонска репрезентативка.
За Вардар дуелот против Ларвик ќе биде мошне важен бидејќи ова за тимот е промоција пред домашната публика во дебитантското учество во Лигата на шампионите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.