Има дожд што земјоделците го повикуваат на помош и го поистоветуваат со бериќет и благослов. Тој е поинаков од тој што го проколнуваат луѓето, чиишто домови се уништени од поплава. Тие, обично, ја анатемисуваат ваквата атмосферска појава прогласувајќи ја за епидемија!
Дали има допирни точки дождот што ги полни подрумските простории и ги тера луѓето да се качуваат на покривите на своите куќи, со тој што ги прави есенските посеви – плодни и успешни? Или, само еден и единствен заеднички именител, наречен чадор?
Што ги спојува, а што ги раздвојува овие две крајности?
Како јапонското население да се заштити од земјотреси, населението на Голем Остров од змии, Филипинците од цунами, а Балканците од поплави?
Со креативни решенија, Јапонците секоја година измислуваат стокатница што не ја уриваат ни 15 степени според Рихтер!
На Голем Остров пуштија мунгоси. Ама, со змиите ги протераа и другите жители.
Филипинците, Индонежаните и ние сè уште чекаме проблемот да ни го реши глобалната обложилница, наречена „еднаш затоплување, еднаш заладување – продадено“.
Секоја година истата приказна. Подрумите преполни со вода. Улиците преполни со фекалии.
Милион пластични шишиња во пловечки контејнери, спроведени со брзата пошта на коритото на балканскиот бисер.
Кога на ова ќе му го додадеме шлагот во вид на најновите модели вакцини, гранка на „фешн медицин“, знаеме што нè очекува следната зима. И минатата зима беше најавувана како најстрашна во историјата на зимите. Ако одиме до крај во потсетувањето, минатата зима беше најавувана како зима преку која нема да поминеме. Или има некаков погрешен пристап во толкувањето на тајната вештина на Маите да ја предвидуваат иднината?
И додека ние мака мачиме со пророчките вештини, Израелците за само неколку години успеаја од пустина да направат рај со портокали. Го применија „само“ системот за наводнување „капка по капка“. Немало ништо гнило во татковинскиот Кнесет, кога во срцето на пустинската бура, овој народен гениј успеа(л) да го засади дрвото на животот. И да профитира само од увоз-извоз на идеи!
Така, водата што неконтролирано се излева кај што не треба, ние треба да ја пренасочиме на тие места каде што е суша. Се разбира, преку познатите иригациски системи, употребувани од најстарите цивилизации. Зашто, тие долго опстојувале поради мудрата употреба на водната енергија!
Природно, ова пренасочување треба прво да се промисли! Или, како што нè учи мудрата порака – генијалноста е во подготовката! („Тајната на генијалноста е во подготовката“ е изрека што му се припишува на Александар Македонски)
Креативното решавање на проблемите е единствениот начин за опстанок, секогаш кога некој е соочен со судбинска ситуација, живот или смрт?! А, за ова нема „готово решение“.
Секогаш кога ќе се соочиме со ситуација за која не постои (однапред дадено) решение, мораме креативно да размислуваме, нè учи книгата на Ју Кам Кеонг, „Бидете креативни“.
„Болеста на смрт“ е една таква ситуација. Таа бара во играта на преживувањето да се вклучат сите креативни потенцијали на човекот, особено во војната за освојување ресурси.
Освен човековата памет, кој е денес другиот најголем светски златен рудник? Нафтата? Дијамантите? Или водата?!
Некои тврдат дека следната голема војна ќе била верска! А, други, дека ќе била за водата. Низ Европа, демек, поодамна нема чиста вода за пиење, поради преголемата индустријализација и загаденоста на реките. И велат дека Македонија, иако мала територија, била многу атрактивна поради своите обилни ресурси со слатка вода! Лесно може да се направи питка според стандардите на СЗО. Единствено што не се знае кој ќе профитира најмногу од ова неисцрпно богатство. Ништо чудно ако зад кулисите, како главна причина за политичките игри околу името стои токму тоа – кој да ја добие лиценцата за кладенчето наречено H2O!
Ел Дорадо не е место. Тоа е состојба на умот.
И на крајот: цената на чадорот е една кога врне, друга кога не врне!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.