| четврток, 6 декември 2018 |

Тачи му нуди на Османи да бидат една партија

Menduh-Taci-2

Мендух Тачи му нуди на Руфи Османи спојување на двете партии, пишува „Дневник“ повикувајќи се на висок функционер на ДПА.

Од партијата на Тачи, како што објави весникот, потврдиле дека комисии од двете партии веќе контактирале за предложената иницијатива, но не откриваат други детали.

И додека Тачи му дава рок на Османи до денеска да се изјасни дали е прифатлива неговата понуда, лидерот на НДП изјавил дека првпат слуша за такво нешто и демантирал дека воопшто била воспоставена врска меѓу двете партии на кое било ниво.

– ДПА предложи иницијатива за спојување на двете партии откако два месеца Османи преку свои луѓе праќаше абер за можна соработка. Kомисии од двете партии веќе разговарале за можна фузија на партиите и очекуваме денеска Османи да се изјасни за нашата иницијатива – кажал функционерот на ДПА.

23012013182214_rufi osmani

Според „Дневник“, од ДПА на чело на комисијата што преговара за можно спојување на двете партии е струшкиот градоначалник Зијадин Села. По интересот на НДП за соработка на двете партии, од ДПА информираат дека управниот одбор на партијата донел одлука иницијативата да се формализира во понуда до партијата на Османи. Според ДПА, рокот да се изјасни Османи е денеска бидејќи за ова прашање меѓу двете партии изминатиов месец се одржале неколку средби, а последната била вчера. Затоа струшкиот градоначалник Села денеска јавно ќе побара Османи да се изјасни дали за него и НДП е прифатлива понудата за спојување на партиите. Од партијата на Тачи велат дека е битно дали двете партии може да застанат зад една програма и платформа.

Османи вчера изненадено одговори дека првпат од нас слуша оти Тачи нуди да се спојат двете партии.

– Првпат слушам за ваква понуда. Нема никакви контакти на никакво ниво со ДПА. Ставот на НДП е јасен и транспарентен, може да се разговара за евентуална соработка на две независни опозициски партии базирана на резултатите на последните локални избори. Значи со ДПА е можна само евентуална соработка и ништо друго – ни изјави Османи.

Се проценува дека ако има волја од двете страни, можно е спојување на партиите зашто идеолошки се блиски. Од друга страна, поради суетите на двајцата лидери, нивното политичко минато и меѓусебните недоразбирања, големи се шансите и овој обид да пропадне.

Последната можност за соработка меѓу Тачи и Османи не траеше ни два месеца кога лани пропадна обидот за заеднички настап на локалните избори, иако им беа потребни 14 години на двајцата поранешни сопартијци да ги закопаат секирите и политичкото непријателство.

Тогаш претседателот на НДП, по 14 години, дојде во седиштето на ДПА и со Тачи си подадоа рака за соработка, но средбата меѓу тогашните градоначалници Зоран Заев и Османи ја расипа дружбата меѓу поранешните сопартијци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top