Чедомир Јаневски ќе ѝ плати отштета на Фудбаласката федерација на Македонија, во согласност со една од клаузулите во договорот на сега веќе ексселекторот на македонската фудбалска репрезентација.
Сосема неочекувано Јаневски ѝ удри „корпа“ на ФФМ и си замина во белгиски Монс, екипа што е последнопласирана во тамошната Прва лига. Овој потег наиде на бран критики во јавноста бидејќи, како ретко кој, Чеде имаше огромна поддршка и беше дочекан со надеж дека ќе биде долгорочно и успешно решение за селекторската позиција.
И што е најинтересно во целиот случај, досега никој не ѝ платил отштета на ФФМ, туку напротив неколкумина од поранешните селектори добиваа откази и бараа и добија компензација за предвремен раскин на соработката со ФФМ.
Во целиот калабалак со експресното и шокантно заминување на популарниот Четка во Монс, интересна е неговата изјава дека имал желба да ја продолжи соработката со ФФМ и да го продолжи договорот, но не можел да ја одбие понудата на Монс. А, екипата што ќе ја предводи е последнопласирана во белгиското првенство и реално, ниту според името, рејтингот и резултатите, па ниту според квалитетот на тимот, не е во рангот ниту на европскиот просек.
И македонската репрезентација нема којзнае каков рејтинг во светот на фудбалот, но споредбата со селекторската позиција и местото шеф на стручен штаб во потпросечен белгиски клуб е излишна.
Раководството на ФФМ се најде во небрано по неочекуваната реакција на Јаневски и неговото заминување во Белгија на два натпревари до крајот на квалификацискиот циклус за СП 2014, па одлучи жешкиот костен да му го препушти на Зоран Стратев. Тој ќе треба да најде рецепт за да се избегне фенерот во А групата. Македонија со 7 бода е претпоследна, но има две гостувања, против директниот конкурент за избегнување на дното, Велс на 11. октомври и со Србија 4 дена подоцна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


