Ракометната ревија на скапи ѕвезди во Скопје продолжува, а вечерва во нашиот главен град пристигна најскапиот тим во историјата на Лигата на шампионите, Пари Сен Жермен. По Кирил Лазаров, Карабатиќ, Рутенка, Штербик и останатите играчи од најтрофејниот клуб на планетата, Барселона, кои ни беа нагости минатиот викенд и одиграа спектакуларен меч со Вардар (29-29), пред нешто повеќе од еден час, повторно присуствувавме на пристигнувањето на новиот ешалон скапи и екстра-квалитетни ракометари, овојпат од Франција. Тие ќе му излезат на мегдан на нашиот вицешампион Металург, утре од 18 часот во салата „Борис Трајковски“, во натпревар од второто коло во ЛШ.
Гостите ги предводеше еден од најдобрите бекови на планетата, Данецот Микел Хансен, кој ни е добро познат од дуелите меѓу викинзите и репрезентацијата на Македонија.
Катарските богаташи од „Катар инвестмент“, одлучија покрај спектакуларниот влог во фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен, да го „живнат“ и ракометниот клуб. Лесно е кога имате нафта, гас и енергенси, а ПСЖ експресно се претвори во нов ракометен тигар и клуб со најголем буџет во историјата на Лигата на шампионите.
Имаат на располагање нешто повеќе од 13 милиони евра, па раководството може да си дозволи луксуз да собере дузина светски ѕвезди во тимот.
Со Хансен, тука се и двете француски икони, Лик Абало и Даниел Нарцис, носители на светски и олимписки одличја, потоа и хрватското трио Игор Вори, Марко Копљар и Јаков Гојун, еден прекален борец од калибарот на Младен Бојиновиќ, црногорскиот виор Фахрудин Мелиќ, исландскиот тандем Гунарсон и Халгримсон. Составот на ПСЖ од интернационален карактер и борбеноста, одличните резултати во последните неколку сезони, домашниот терен, заедно со фанатичната подршка од публиката кои се големи адути на Металург ветуваат нов ракометен спектакл во Скопје и Македонија.
Двете екипи забележаа победи во првата рунд и можат да играат без преголем императив, што е најава за одлична претстава.
Пишува: Зоран Поповски
Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.