| четврток, 6 декември 2018 |

Металург ветува нов ракометен спектакл, против ПСЖ, најскапиот тим во ЛШ

Скопје се подготвува за нов ракометен спектакл, а главни актери в сабота од 18 часот во салата „Борис Трајковски“ ќе бидат македонскиот вицешампион Металург и најскапата екипа во овој циклус на Лигата на шампионите, Пари Сен Жермен. Гостите се фаворити, но тимот од Автокоманда има поголемо искуство со настапите во ЛШ и со квалитетот може да се носи со ПСЖ.

– По Барселона, скопјани ќе го видат и Пари Сен Жермен. Тоа е најбогат клуб, по Копенхаген, откако постои Лигата на шампионите. Ја гледав снимката од натпреварот Вардар – Барселона и ја користам оваа пригода да им честитам на вардарци за прикажаната игра. Атмосферата и резултатот од тој натпревар е одличен за македонскиот ракомет. Сега ни доаѓа ПСЖ, екипа што е меѓу главните фаворити за титулата. Има три ракометари во тој состав што ми се мошне драги (Хрватите Вори, Копљар и Гојун). Имаат олимписки победници, Абало, Нарцис, најдобриот играч на светот Хансен, тројцата мои сонародници, Вори, Копљар и Гојун и сигурно се кандидати за трофејот во ЛШ. Ќе се обидеме да ги надмудриме, иако се апсолутни фаворит. Им кажав на ракометарите дека немаме право на грешки или да ги намалиме на минимум. Не смееме да си дозволиме луксуз да трошиме премногу топки во нападот. Тука е клучот и кога ќе напаѓаме да мислиме на одбраната. ПСЖ доминира со квалитет, но ние ќе одговориме со дисциплина. На тактички план мораме да ја сопреме контрата на тимот од Париз што најчесто е силно оружје на Абало и соиграчите. Ни треба и публиката да ни помогне да одговориме на предизвикот. Ако една предност е на страната на ПСЖ, а тоа е екстра-квалитетот, нам ни е предност што немаме што да загубиме – изјави Лино Червар.

Металург ги почитува гостите, нивниот квалитетен состав со многу екстра-ѕвезди и со буџет од над 13 милиони евра, но нема однапред да се предаде. Сепак, нашиот вицепрвак е лански четврт-финалист во Лигата на шампионите и има што да презентира, особено пред преполни трибини на свој терен во Скопје.

– ПСЖ е еден од трите главни фаворити во ЛШ, ги респектираме, но ние мора да играме максимално, трпеливо, за да се надеваме на успех. И заради навивачите кои со години нѐ бодрат на феноменален начин, мора да одиграме со сите сили и да им се спротивставиме на фаворитите од Париз.  Ни треба малку време да се воиграме и да ги отстраниме слабостите од дуелот со Тун. Нема да ги повториме грешките од тој меч против ПСЖ и верувам дека ќе одиграме подобро – изјави Наумче Мојсоски.

На Металург многу ќе му недостасува средниот бек Филип Миркуловски, кој заработи црвен картон на дуелот со Тун во првото коло, што значеше и автоматска суспензија за овој дуел.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top