| четврток, 6 декември 2018 |

Никуленкау: Освоивме значајни бодови против Вардар

Капитенот на Динамо Минск, Дмитри Никуленкау постигна два гола во победата на Динамо Минск против Вардар (26-24), а вели дека премиерниот натпревар од второто коло во Ц групата минал според очекувањата, докрај неизвесно и изедначено.

„Очекувавме голема битка, бидејќи бодовите од овој меч се исклучително значајни. Македонците имаат два тима во оваа група, а сите знаат дека во Скопје ќе биде екстремно тешко да се освојат бодови. Атмосферата таму е  пеколна и затоа триумфот против Вардар има посебна вредност. Првото полувреме го одбележаа добрите одбрани, што го покажа и резултатот со малку погодоци. Двата голмани беа одлични“, вели Никуленкау.

За Динамо ова се први бодови во новото издание на ЛШ, откако на стартот загубија од ПСЖ во Париз со 30-34. Вардар имаше шанса одново да ремизира, по успешната премиера во Скопје против Барселона, кога беше освоен еден бод во ремито 29-29. Овојпат и среќата им го заврте грбот на „црвено-црните“. Пејановиќ на 50 секунди до крајот му одбрани чист зицер на Игор Карачиќ, а потоа од пенал Бомбач со многу среќа го совлада Милиќ за конечни 26-24.

„Ова беше дуел на две изедначени по квалитет екипи и исходот на натпреварот беше неизвесен до самиот финиш. Домаќините заслужено победија и честитки за нив, но се уште сме на самиот почеток на натпреварите. Има уште доста дуели, а групата е мошне израмнета и секој секого може да победи. Рано е за прогнози“, изјави капитенот на Вардар Филип Лазаров.

Од него се очекува многу повеќе, а загрижува податокот дека од вкупно 55 погодоци на Вардар во првите две кола, двајцата македонски репрезентативци постигнаа само еден гол, вчерашниот на Стојанче Стоилов против Динамо.

Vardar Skopje vs Dinamo Minsk

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top