Горан Пандев или Лоренцо Инсиње, кој од нив двајца да биде стартер за Наполи против Борусија Дортмунд, вечерва на „Сан Паоло„ во Неапол, е една од двете дилеми на стратегот Рафаел Бенитез.
Според италијанските медиуми и поставената формација на еден од последните тренинзи, Пандев е во предност и веројатно ќе го почне натпреварот против ланскиот финалист во Лигата на шампионите.
„Бенитез има деветмина сигурни, кои ќе го почнат мечот. Пандев или Инсиње и Бритос или Канаваро, се двете дилеми на тренерот на Наполи“, информира „calcionapoli24.it“. На вообичаената лева страна од нападот на Наполи според италијанските новинари сепак Пандев ќе биде на теренот, а Бритос ќе игра како стопер место Канаваро.
„Горан е поискусен од Инсиње и тој има предност. За вакви тешки натпревари во Лигата на шампионите, пресуден фактор може да биде искуството“, пишуваат новинарите на „calcionapoli24.it“.
Интересно е што на последниот меч од Серија А против Аталанта и Пандев и Инсиње беа во почетниот состав на Наполи, а нашиот интернационалец играше како полушпиц зад Гонзало Игуаин. Вечерва според претпоставките на италијанските медиуми, Бенитез ќе менува играчи, а формацијата останува иста 4-2-3-1.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.