Со победнички рози раководството на женскиот ракометен клуб Вардар ги дочека македонските шампионки по убедливиот триумф на квалификацискиот турнир за пласман во Лигата на шампионите.
Вардарки апсолутно ги исполнија очекувањата и со две импресивни победи против домаќинот Салерно (35-16) и во клучниот меч со францускиот состав на Флори Луар (33-25) обезбедија пласман во ЛШ.
„Пресреќни сме со ова што го постигнавме . Одигравме добро и обезбедивме пласман во Лигата на шампионите што беше нашата главна цел. Сега ја гледам нашата екипа и знам дека сме навистина добри. Нема многу други вака квалитетни состави во Европа, можеби само уште две или три. Тоа го знаев и досега, но сето тоа беше малку со страв и со резерва. По овие квалификации веќе сум потполно сигурна дека можеме многу. Гледам каков е односот на сите кон работата и затоа сум оптимист. Само два-три месеци сме заедно, а имам чувство како да ги познавам овие девојки со години. Се поддржуваме, се бодриме едни со други , заедно сме сите како едно семејство и тоа е многу важно за секоја екипа“, изјави за клупскиот сајт Ина Суслина.
Македонските шампионки им се приклучија на машките екипи на Вардар и на Металург во Лигата на шампионите, а ракометот кај нас направи вистински подвиг со три состави во луксузното натпреварување.
Скопје е единствен град во Европа со трилинг во ЛШ, а љубителите на ракометот ќе уживаат во екстра-квалитетни натпревари сезонава.
Вардарки на 20. и 21. ќе играат во Љубљана на меморијалниот турнир „Винко Кандија“, а во ЛШ почнуваат против шпанскиот состав Бера Бера на гости на 6. октомври.
ФОТО: zrkvardar.mk
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






