Македонија, односно фудбалската федерација на нашата земја се пријави како еден од организаторите на Европското првенство во 2020 година. Апликацијата е испратена вчера, а ако УЕФА ни даде зелено светло, Скопје со арената „Филип Втори“ ќе биде домаќин на еден или два натпревара од некоја од групите на шампионатот во 2020 година.
УЕФА реши на 60-годишнината од првиот шампионат фудбалски да ја обедини Европа со повеќе земји-домаќини, а натпреварите, според замислата, треба да се играат во 13 градови и на повеќе стадиони. Последниот рок за пријавување истекува денеска на полноќ, кога треба да биде испратена апликацијата.
УЕФА остави простор земјите што се пријавили за домаќини до 25 април да предложат на кои стадиони би се играло. Тоа важи за градовите во кои има повеќе стадиони, а ние немаме дилеми, бидејќи само арената „Филип Втори“ ги задоволува критериумите.
Интересно е што распределбата или таканаречениот стандарден пакет УЕФА го распредели според следниов принцип. Еден од стадионите што ќе бидат домаќини мора да има капацитет од најмалку 70.000 седишта и таму ќе се игра едното полуфинале и финалето. Најсериозен кандидат е Истанбул. На четири стадиони со капацитет од 60 или повеќе илјади гледачи ќе се играат другите дуели, а пет спорстки арени ќе бидат одбрани што имаат можност да примат 50 или повеќе илјади публика. Македонија се бори за место во последната категорија, во конкуренција на стадиони со капацитет поголем од 30.000 седишта, а такви ќе има два на ЕП 2020 година.
Досега покрај Македонија со Скопје, се кандидираа и Германија со Минхен, Португалија со Лисабон, Бугарија со Софија, Унгарија со Будимпешта, Србија со Белград и Турција со Истанбул, а се очекува уште најмалку десет градови во Европа да конкурираат за организатори на турнирот на најдобрите европски селекции.
На 20 септември УЕФА ќе го објави списокот на сите земји-кандидати за организатори. Турнирот ќе се игра цел месец, а сѐ уште има неколку опции, дали ЕП да трае 29, 30 или 31 ден.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



