| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија загуби од БиХ со 54-62, шансите за пласман во втор круг се минимални

Македонија сосема заслужено загуби од Босна и Херцеговина со 54-62 и драстично ги намали шансите за пласман во вториот круг на ЕП во Словенија. Реално имаме само теоретска можност за подвиг и за тоа не одлучуваме сами. Треба да ја победиме Летонија, но и сите останати резултати да ни одат во прилог.

Босанците попладнево беа подобри, особено под обрачите и имаа 10 скока повеќе (44-34). Патем воопшто не ни одеше ударот за три поени, каде имаме мизерни 12 посто прецизност, или само 3 погодоци од дури 25 обиди. Натпреварот го загубивме во последната четвртина, што ја доби противникот со 21-9. Босанците имаа повеќе енергија, беа попрецизни и на крајот се радуваа.

Дуото Телетовиќ и Ѓедовиќ одигра одлично и искомбинира 42 поени и 14 скока. Бекот Зек Рајт изненадувачки ни освои многу топки под кошевите и забележа 12 скока.

За Македонија Бо Мекејлеб постигна 19 поени, а Перо Антиќ уфрли 17 со 7 скока. Од останатите наши кошаркари ниту еден друг не постигна повеќе од 8 поени, колку што даде Владо Илиевски.

Утре во последното коло од Б групата од 14,30 часот ќе играме со Летонија. Досега имаме скор од една победа и три порази.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top