„Линијата на фронтот исчезна а со неа и илузијата дека фронтот воопшто и постоел некогаш. Оти, ова не е војна за постепено освојување на територија, туку за брз пробив и уништување на непријателот. Blitz krieg, секавична војна. Брзите колони од тенкови и оклопни камиони се пробиваат низ Полска додека дожд од бомби од небото го најавува нивното доаѓање. Ги сечат комуникациите, ги уништуваат складиштата, ги бркаат цивилите, го шират стравот. Напредувајќи и по педесет километри пред пешадијата и артилеријата, ја разбиваат полската одбрана пред таа да успее да се организира. И додека германската пешадија го чисти остатокот од полската одбрана, напаѓаат во правец на целите што се далеку зад тоа што некогаш се нарекуваше линија на фронтот.“
Вака еден новинар на американското списание „Тајм“ ги опишал германските воени операции за време на нападот на Полска во 1939 година. Овој новинар за првпат го употребил изразот „блицкриг“ во статијата објавена во истото списание на 25 септември 1939 година. Изразот значи војна со брзина на молња.
За време на Втората светска војна германските напади на англиските градови биле нарекувани „блиц“. Овој израз исто така се користи во фудбалот, во шахот, во фотографијата. Постои и компјутерска игра што се вика „Блицкриг“.
Феноменот наречен светска војна…
Зошто ја нарекуваат „трета“?
Кој ги изброи војните на луѓето, за да може да се осмели и во името на целото човештво овој глобален настан на кој сме сведоци да го смести во броеви? Историјата?
Или хронологијата на Бабарогините лоши сништа?
Нели се гледа деновиве дека беше прерано прогласен крај на Студената војна, кога суперсилите меѓу себе војуваат или се закануваат на туѓ терен, како сега во Сирија?!
Нели Ајнштајн еднаш изјави дека да знаел дека неговите откритија ќе бидат искористени за изработка на атомска бомба, никогаш немаше да ги објавува? Но зошто неговото каење воопшто не придонесува кон подобрување на состојбата?
Зошто големите научни откритија се држат во строга тајност од типот на центри за нуклеарна физика, нуклеарна биологија и слично, сè додека од нив не се испилат „средства за масовно уништување“? Кој е тој лектор што допуштил еден ваков израз да биде запишан во речникот на странски зборови без да се консултира со здравиот разум?
Кој ги управува војната и мирот? Може ли некој да ја објасни потребата за масовно уништување? Дали низ таа мала врата на сомничавост и беспомошност (кога хидрогенската бомба ѕвони на вашиот домофон) влегува кодот на исчезнатите цивилизации? Кој ја грабна Атлантида? Мит? Сон, фантазија или парапсихологија? Дали феноменот на смртта доаѓа директно од митологијата? Дали исчезнувањето е бришење од меморијата?
Што значи – Сети се на смртта, и сознај се себеси? Каде се закопани сите информации за овој свет и на кој начин постои?
„Информацијата во зборовите и сликите на разните книги во сите библиотеки на Земјата се движат некаде меѓу 1016 и 1017 бита. Оваа бројка приближно го одредува нивото на нашето знаење. Но на други места, на постарите светови, каде што животот се развивал со милијарди години пред да се појави на Земјата, можеби знаењето на тамошните жители достигнува 1020 или 1030 бита, но тука не се работи само за поголемо количество информација, туку и за поинаков вид информации“ – вели Карл Саган.
Количеството информации што ни се достапни е еден од индексите на нашата интелигенција. Мерната единица или аршинот на информациите се вика „бит“ – кратенка од бинарна бројка, или на англиски – binary digit.
Подобро е да се бориш и да ја загубиш битката, отколку воопшто да не се бориш! Но зошто воопшто деструктивност? Cur destructio, Homo? И од каде потребата за уништување? До кога ќе бидеме несреќно камче во големиот мозаик – карикатура на човекот што си ја сече гранката на којашто седи? Да не е сепак, мајмун во прашање, не толку поради глупоста, колку поради гранката?
Мора да е некаква грешка.
Пред наши очи се ’рчка во срцето на најстарите цивилизации на светов, или тоа што останало од нив. Египет, Асирија и Вавилонија.
Притоа се вшприцува огромно количество страв во крвотокот на човештвото. Со брзина на молња, по вештачки пат на лажни економски кризи и поткризи. Зборот криза значи „суд“. Да се уценува цел народ преку цените на берзата, и да се продолжува во бескрај драмата на заложништво под заканата за судниот ден, е злосторство без казна. Или само експеримент?
Дегутантно е да се прашуваме која од двете страни е во право додека третата владее со нашата измамена перцепција. Не е само нафтата во прашање. Сме станале луѓе – мразулци. За само еден бит потопли од обични андроиди. Изѕемнати од студенилото на притаената трета светска и натоварени со очекување дека ќе почне нешто што воопшто не прекинало!
Нова компјутерска игра. Ништо повеќе! Евентуално, пософистицирана бомба.
И додека Чомски срамежливо се осмелува да го прогласи несудениот напад врз Сирија за воено злосторство, без оглед што ќе изгласа Конгресот, се прашувам што беше ова до сега? Галење со отровен гас или блеф?
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.