| четврток, 6 декември 2018 |

На Ѓоковиќ му се погоди во Њујорк, противниците му доаѓаат по маратонски мечеви

Новак Ѓоковиќ е супериорен на гранслемот во Њујорк, а има и мала доза среќа со противниците. Српскиот ас буквално ги дочекува маратонците на ОП на САД, а последните два дуели се со тенисери што играа во 5 сета. Стартот на најдоброрангираниот светски играч му беше против Рикардас Беранкис, а потоа на мегдан му излезе Бењамин Бекер, тенисер што претходно играше 4 сета со незгодниот Лукаш Росол. Новак славеше со 3-0 и против него и против Беранкис, а трендот го продолжи и со Жоа Соуза. Португалецот стигна до третата рунда и дуел со Ѓоковиќ, по два триумфа во 5 сета. И очекувано Новак го елиминира Соуза со победа во три сета.

За пласман во четврт-финалето Србинот ќе се судри со Марсел Гранолјерс, а и тука приказната не е поинаква. Шпанецот сите три дуели досега ги одигра во максимални 5 сета, но тој барем ќе има два дена да се одмори пред средбата со најдобриот на планетата.

Лесно со победи во три сета засега им оди и на останатите фаворити Рафаел Надал и Роже Федерер, а одлично му оди и на бранителот на титулата Енди Мари. Сите ќе играат во осминафиналето и се во игра за престижниот пехар.

Кај дамите, На Ли ја декласира Јелена Јанковиќ со 6-3,6-0, а Макарова ја исфрли од игра Агнешка Радвањска, исто така, во два сета. Серена Вилијамс останува прва фаворитка за титулата, а надмоќта ја презентираше со лесна победа против Слоун Стивенс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top