| четврток, 6 декември 2018 |

Глобален адреналин

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Додека „Фејсбук“ ги затвора веб-сајтовите на курдските политичари во Турција, а САД се подготвуваат за интервенција сега врз Сирија, Велика Британија ги распоредува своите воени авиони на Кипар.

За тоа време новински агенции објавуваат вести за црвената планета на која се наоѓала оксидирана форма од елементот молибден. Веројатно основа за почетоците на животот. Оваа форма ја немало на Земјата бидејќи пред 3 милијарди години површината на Земјата имала малку кислород, за разлика од Марс!

Во океанот информации на интернет може да се ископа и онаа за мачорот наречен Тама, што на невообичаен начин ѝ помогнал на една јапонска железничка компанија да се спаси од целосен банкрот. До 2007 година јапонска железничка станица во градот Кинокава  годишно губела по 4,7 милиони долари. Меѓутоа, кога го добила необичниот шеф, повторно почнала успешно да работи. Така малата провинција станала важна туристичка дестинација. Кинокава станало едно од најпосетените места во целата земја, само поради славниот мачор!

 

Можеби ова не беше лоша идеја за спас на македонската железница пред решението да се стави крај на дотраените и валкани вагони. Да се вратат редовните меѓународни линии. Да се изгради пруга до Охрид – Албанија. Да се доврши пругата до Бугарија.

 

Ако во меѓувреме се случи и Трета светска војна, мачорот Тама има изготвено бизнис-план и за оваа хипотетичка ситуација. Планот се вика Марс. Ако на црвената планета има органски состојки, за другото е лесно. Имајќи ги тулите, со мала помош на фантазијата ќе измислиме малтер, а потоа ѕидањето ќе оди само од себе…

 

Аналогно на ова, има една таква изрека во источните спиритуални традиции: Учителот сам доаѓа. А, кога еднаш ќе дојде, готово е.

 

Она што психологот Волтер Кенон го нарекол „Бегај или бори се“ е реакција што се појавува во човековото тело кога тоа наеднаш ќе се најде во некаква опасна ситуација. Тогаш, надбубрежната жлезда го излачува хормонот адреналин. Тој се шири низ крвта и го поттикнува срцето засилено да пумпа, го зголемува крвниот притисок и воопшто го прави телото способно да одговори на соодветниот стрес.

Во преносна смисла, зборот стрес е брз, ненадеен пресврт на ситуацијата што изискува брза реакција и приспособување кон промената. Судејќи по ова, животните што живеат во џунгла, особено оние помалку силните, се постојано изложени на стрес, на синдромот „бегај или бори се“, одговор на разните видови закана.

Кога ова ќе се пренесе во современиот политички мозаик, најмногу адреналин се лачи кога низ воздухот се шири заканата за уништување со разни типови оружје, хемиско, физичко, биолошко итн. Важно да се одржуваат фабриките за оружје и нивните газди што  ги плаќаат (ре)изборите на политичарите! Во таков случај, од кабинетот на некое министерство за одбрана се испраќа соопштение слично на ова:

Утринава беа распоредени шест ловци Тајфун во Акротири во Кипар, за заштита на британските воени бази на островот… Авионите не се испратени за да учествуваат во воена акција против Сирија, туку како мерка на претпазливост во време на зголемени тензии во регионот. 

 

Базите на Кипар вообичаено биле користени за поддршка на операциите во регионот, но не и за борбени дејствија. Сепак, во 2011 година, од командниот центар во Акротири, била координирана „меѓународната воена операција“ во Либија!

Светските медиуми, во меѓувреме, со пристојна доза ладнокрвност и професионалност неуморно известуваат за распоредот на воените сили на разни точки на планетата Земја. Но, и најавуваат или шпекулираат, кој кому се заканува, кој кого уценува, поткупува, рекетира, провоцира или застрашува! Единствено луѓето со критички ум не заборавиле да читаат меѓу редови, дека политичарите едно мислат, друго зборуваат, а прават нешто сосема трето. Класичен Кетман!

 

Можеби само во едно такво налудничаво, но однадвор пристојно закамуфлирано милје на  строго контролирана несигурност може да помине незабележано изјавата на еден поранешен канадски министер за одбрана, Пол Хелиер. За првпат јавно се кажува дека… „четири вонземни раси активно ја посетуваат Земјата веќе неколку илјади години!“

 

И додека не само во Дамаск секојдневно се зголемува бројот на мртвите и жртвите, а на интернет се отвораат веб-сајтови како живи и онлајн холокаусти за починатите од хемиско оружје, тоа ниту за милиметар не ја зголемува самодовербата кај луѓето дека нешто, некогаш ќе може да се смени на полето на војната и мирот… Пасивните набљудувачи во комфор-зоната на Обединетите нации и понатаму со успех ја шират глобалната рамнотежа на ужасот: од март 2011 до денес во Сирија загинале повеќе од 100.000 лица. Раселени се стотици илјади… Се повторуваат Ирак. Авганистан. Либија… Кој е следниот?!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top