| четврток, 6 декември 2018 |

Црна среда за Американците во Њујорк, испаднаа Венус Вилијамс и Џејмс Блејк

Американскиот тенис го продолжи надолниот тренд што трае веќе неколку години, со исклучок на одличната Серена Вилијамс, а синоќа во Њујорк им испаднаа две легенди, Венус Вилијамс и Џејмс Блејк. Постарата од сестрите Вилијамс загуби од Жи Женг со 3-6, 6-2, 6-7, а Блејк беше поразен во вистински маратон во 5 сета од Иво Карловиќ.

За Блејк ова беше лебедова песна и простување од тенисот, а доби громогласен аплауз од публиката. Последниот меч беше во стилот на неговата кариера, маратонски и тежок. Црномурниот тенисер стана вистинска икона во САД, а ги заслужи и симпатиите на искрените симпатизери на оваа игра. Речиси парализиран како момче со многу труд и желба да игра тенис, Блејк стана еден од најдобрите светски тенисери во новиот милениум.

Во Рим пред десетина години го задеси нов пех кога на тренинг за малку не го скрши вратот при пад на теренот. Заработи гипс и повреда на неколку прешлени, но повторно покажа челична волја и се врати на тениските терени.

На Отвореното првенство на САД во Њујорк има посебен третман на национален херој, а неговите навивачи се препознатливи во таканаречениот „Џеј-блок“, место на трибините каде се собираат и го бодрат Блејк. Синоќа разбирање за бајката немаше Иво Карловиќ и со пресврт и победа од 6-7, 3-6, 6-4, 7-6, 7-6 го испрати Џејмс во пензија.

 

Многу блиску до одлука за пензионирање е и Венус Вилијамс, особено по поразот утринава од Женг. Двојната шампиионка во Њујорк се мачи со повреди во последно време и е во финишот на кариерата. Сепак, 33-годишната легенда на женскиот тенис ќе продолжи со настапите на ова издание на гранслемот, но во игра на двојки со сестра ѝ Серена.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top