| четврток, 6 декември 2018 |

По 35 години Македонија купува возови

дете во возЕвропската банка за обнова и развој објави јавен повик на интернет за набавка на нови дизел-моторни и електро-моторни гарнитури за превоз на патници за  Македонски железници АД Транспорт. Поминаа 35 години од купувањето на последниот воз во железницата.

Според повикот, ќе се набават четири нови патнички гарнитури со дизел погон и две нови гарнитури со електричен погон, инвестиција во железницата од 25 милиони евра, што МЖ Транспорт ги обезбеди преку кредит од ЕБРД, со гаранција од државата. Според ресорниот министер Миле Јанакиески првичните понуди ќе може да се достават до 8 октомври годинава кога ќе започне евалуацијата, а финалните понуди на почетокот на декември годинава.

– Се очекува во рок од 12 месеци од потпишувањето на договорот да пристигнат и првите гарнитури во Република Македонија, што значи може да ги очекуваме на крајот на 2014, или на почетокот на 2015 година, посочува Јанакиески.

Патничките возови ќе бидат за 1.200 патници, секоја гарнитура по 200 патници. Ќе се користат на најфреквентните линии. Според анализите на „МЖ Транспорт“, со нив ќе се покријат 60 проценти од линиите што, според министерот за транспорт, директно значи поудобен и поквалитетен превоз за корисниците на железничкиот транспорт.  Набавката на вагоните, тврди Јанакиески, нема да влијае на цената на билетите во железничкиот сообраќај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top