| четврток, 6 декември 2018 |

Поповски: Македонија го помина најдлабокиот јаз од кризата

vlado popovskiРепублика Македонија со потпишувањето на извештајот го помина најдлабокиот јаз од кризата, која беше предизвикана пред 24 декември со најавата за блокада на институциите, со најавата за улична демократија по принципот „дозволено е сѐ што ќе ви падне на памет“, смета универзитетскиот професор Владо Поповски.

– Тоа значи дека од тој момент кога институциите на Република Македонија беа доведени пред тотална криза на распаѓање до денес, со потпишувањето на извештајот, со изјавата на опозицијата дека ќе се врати во институциите и ќе работи со полн капацитет, може да констатираме дека тој главен елемент на секоја одржлива демократија, а тоа е функционирањето на институциите и нивната стаболност, дека е постигнато – изјави тој за МТВ.

Поповски заклучува дека е важен еден момент, а тоа е институциите натаму да продолжат да функционираат по принципите на демократскиот дијалог, на аргументирано залагање по важните прашања за граѓаните, каде позицијата и опозицијата ќе се диференцира практично по своите понуди по нивниот легитимитет и прифатливоста на тие решенија од страна на граѓаните.

– Тука нема некои големи губитници, можеби има извесен губиток на рејтингот на, како што изјави премиерот, владејачката партија, но тој губиток е магновен. Всушност, чекорот на владејачката партија покажа пред граѓаните подготвеност на таа партија да излезе од теснопартиските интереси, дефинирани со борбата за рејтинг на пример и да се заложи за интересите на граѓаните и Македонија на патот кон евроатланските интеграции. ВМРО-ДПМНЕ во подмет на својот широк грб, своите широки плеќи, за да премости еден процеп исфорсиран од опозицијата со нејзината тактика, да се бори за власт со сите средства, дури надвор од институциите со уличната демократија – вели Поповски.

Тој смета дека со овој сигурен чекор граѓаните ќе знаат да го валоризираат и сето ова ќе се врати како дополнителен рејтинг на владејачката партија со една зголемена доверба за нејзината одговорност во јавен интерес.

Тој искажа надеж дека до есен во пресрет на извештајот, Брисел ќе може да ја разграничи улогата и одговорноста на политичките субјекти во Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top