| четврток, 6 декември 2018 |

Димитар Грабул – македонското тениско чудо во Белгија

Македонско чудо во Белгија, тоа е Димитар Грабул, 31-годишниот тенисер од Скопје со привремен престој во странство. На возраст на која многумина размислуваат за спортска пензија, Грабул бележи одлични успеси и веќе постигна многу. Од 1995 позиција на светската ранг-листа во јуни, со серија успеси за неполни три месеци се проби до 553 место, со 52 поени.

Го проби и мразот со освојување на првиот турнир во кариерата со титула во Де Хан, мало белгиско место каде славеше во финалето против Јорис де Лор. Авантурите на турнирите од фјучрс серијата продолжија и во Ојпен, каде Грабул стаса до уште еден триумф. До 2013 година ниту еден трофеј, за пола сезона веќе два, за отворање на колекцијата со титули. Година за паметење за леворакиот тенисер од Скопје, со приказна што е интересна и необична.

Да не беше твојата сопруга Елена и нејзината работа во мисијата на ЕУ во Брисел, веројатно немаше да има ништо од успешната тениска приказна на Грабул во Белгија?

Сосема случајно се поклопија многу работи, но инцијална каписла за успесите и враќањето на тениските терени беше нашата преселба во Белгија. За тоа најзаслужна е мојата сопруга. Доби понуда за работа во Брисел, а се потоа е како приказна за филм. Почнав да играм тенис посериозно и од јануари лани сум член на Академијата на Даниел Мејерс. Оттогаш повторно му се посветив сериозно на тенисот. Во клубот како тренер дојде познатиот белгиски ас Кристоф Флиген, кој имаше забележителни резултати како активен тенисер и беше во топ-30 на АТП листата. Работев напорно и успесите се логичен редослед на работите.

Флиген има само комплименти за тебе. Во едно интервју вели дека тениските успеси на Грабул се вистинска бајка. Квалитетот го имаш презентирано и порано, кога беше постојан член на македонската тениска репрезентација. Што се смени со заминувањето во Белгија?

Кај нас има услови за работа, но нема тениски турнири. Секако дека е потешко да патувате надвор од својата земја за да играте тенис. Домашните играчи секаде се привилегирани, честопати не мора да играат квалификации, или добиваат вајлд-карти. Во Македонија одамна не се организираат тениски турнири и затоа играта е во застој. Во Белгија ја имам подршката што ја немав кај нас. Зад мене е цела екипа од луѓе кои се грижат и за најситните детали, а мене ми останува само да се концентрирам на играта, на теренот и на противниците. Со таков систем работите одат многу полесно и резултатите се видливи. Не морам да патувам надвор од Белгија, бидејќи овде имам можност да играм на петнаесетина турнири во текот на една сезона, што е сосема доволно. Патем, искуството и знаењето на Флиген е непроценливо. Тој играл против најдобрите тенисери на планетата и секој негов совет е драгоцен и многу ми помага да напредувам.

Многумина се збунети со промената на презимето. Доскоро те знаевме како Димитар Грабулоски, а сега си Грабул. Која причината за промената?

Веднаш да кажам дека промената нема никаква врска со моето заминување за Белгија. Грабул е оригиналното презиме на моето семејство и одлучив да го вратам. Тоа се случи пред 5 години, во период кога живеев во Скопје. Познатиот скулптор Јордан Грабул ми е род и во еден момент посакав да се вратам на корените и да направам промена со враќање на изворното презиме. Можеби и ми носи среќа, но тенисот не беше причината за смена на презимето.

Веруваше ли во ваков развој на настаните кога пристигна во Белгија? Две титули, одлични игри и скок од над 1400 места на светската ранг-листа. Звучи неверојатно за 31-годишен тенисер.

Искрено верував дека можам да напредувам, бидејќи знаев дека имам квалитет за подобри игри и резултати од тие што ги имав додека бев во Македонија. Никогаш не сум знаел до каде е границата. Реално, со овие услови и тим што ги имам во Белгија, не само јас туку и останатите македонски тенисери би постигнале многу повеќе. Имаме многу поголем потенцијал и за успеси, титули и подобар пласман на светската ранг-листа. Секако дека и многу напорно работев, а имав и одлични противници на турнирите, кои се рангирани многу високо. Во дуелите со квалитетни тенисери можете да согледате до каде сте, што треба да корегирате во играта, кои ви се слабите страни. Ако не настапувате редовно на турнири, или тоа го правите многу ретко нема ништо од добри резултати и тоа не само во тенисот, туку и во спортот воопшто. Белгискиот тенис е организиран на светско ниво и нуди можност за прогрес на сите што сакаат сериозно да тренираат и да работат напорно.

Досега играше само на турнири од Фјучрс серијата. Планираш ли наскоро да одиш ниво погоре со учество на Челенџери?

Многумина ќе кажат дека е доцна, бидејќи ја минав границата од 30 години, но јас се чувствувам зрел во тениска смисла и нема да се откажам. Здрав сум, имам квалитет да се носам со помладите, тренирам напорно и секако дека планирам да настапувам на турнири од Челенџер серијата. До септември ќе продолжам со учества на фјучрсите, кои се добри за собирање поени. Се надевам дека на почетокот на октомври ќе имам добар ранкинг што ќе ми овозможи да играм на челенџерот во Монс. Белгијците го организираат во првата седмица од октомври и тоа е многу силен турнир од рангот на АТП турнирите, со награден фонд од 110 илјади долари. Настап таму би бил прекрасен финиш на најуспешната сезона во мојата кариера, но и тест за моите можности во евентуални дуели со добро рангирани и мошне квалитетни тенисери.

Достижен ли е македонскиот рекорд на Предраг Русевски од 161 поен и пласман на 242 место на АТП листата, забележан пред 5 години?

Во моментов рекордот на Пецко (Русевски, з.а.) е предалеку и е недостижен. Тоа е одличен резултат и според бројот на поени и во однос на позицијата, но секако дека е предизвик да се атакува на тие височини. Како што се одвиваат работите септември да биде клучен месец за мене. Ако продолжам да играм добро и успеам да се пробијам до позициите околу 400, тогаш се е можно. Приоритет ми е континуитет на добрите резултати и игри, а рекордите постојат за да се уриваат.

Не настапи за репрезентацијата на Дејвис куп турнирот во Сан Марино, а Македонија не успеа да се пласира во повисок ранг на натпревари. Која е причината за отсуството?

Сигурен бев дека ќе играм во Сан Марино и искрено верував во успех и во враќање во втората Евроафриканска зона. Се случија непредвидени работи и мало недоразбирање, што заедно со моите договори во клубот каде настапувам, беа пресудни да не патувам за Сан Марино. Во идниот циклус сигурно ќе играм за Македонија, секако ако ме повикаат. Верувам во нашиот квалитет и се надевам дека ќе придонесам во враќањето на патеките на успехот. Македонија заслужува многу подобар пласман, бидејќи има добри тенисери и искуство и во организацијата на Дејвис куп натпреварите и во настапите во реномираното натпреварување.

Можна ли е реприза на серијалот од 2007, 2008 и 2009 кога Македонија во низа играше три циклуси во Првата Евроафриканска зона, а патем победивте селекции како Финска со Јарко Ниеминен, Летонија со Ернест Гулбис и Лукембург со Жил Милер?

Тогаш имавме силна желба за докажување, а во репрезентацијата владееше огромно другарство што создаде позитивна атмосфера, која не одведе во незаборавни тениски авантури. Секогаш бевме аутсајдери, но никогаш не се предававме и успевавме да победуваме репрезентации што на хартија беа фаворити и многу посилни од нас, со играчи од светски ков. Лазе (Магдинчев, з.а) и Пецко (Русевски, з.а) го понесоа главниот дел од товарот, но сите заедно имавме удел во успесите. Да се биде три циклуси дел од Првата Евроафриканска зона, што е ранг на натпревари само едно ниво под тенискиот крем од Светската група беше вистински подвиг за мала земја каква што е Македонија. Можеби тогаш грешката беше што паралелно не се мислеше на развојот на младите таленти, кои ќе бидат наследници на таа генерација. Ако се работеше подобро и се вложуваше во помладите, со организација на турнири во Македонија и со подобра стручна работа, сигурно немаше да дојде до толкав пад и преселба во најнизок ранг на натпревари. Сега треба да се почне речиси од нула, но никогаш не е доцна. Кај нас се сака тенисот, во тие години на успеси се создаде одлична клима, имаше интерес и сега треба да се направи напор сето тоа да се реанимира. Можеби успех на некое од следните натпреварување во Дејвис купот ќе биде мотив за враќање на интересот за тениската игра во Македонија.

 

Разговараше: Зоран Поповски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top