| четврток, 6 декември 2018 |

Сите непотребни пронајдоци

galijana-184x115

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Ако појдеме од дефиниција за плагијат, нема да ни треба долго патување дури да стигнеме до точката каде што ќе ги видиме обрисите на сопственото историско минато. На почетокот нејасни, но колку повеќе се загледуваме, контурите стануваат сè повидливи. За да се реши еден проблем, нели, потребно е најпрво да се востанови неговата природа. Не ретко нерешливоста на проблемите доаѓа од немањето увид. Така е и во случајот со геополитичкото милје на нашиот регион.

Најшармантната енциклопедија на светот, онаа online, вели дека концептот за плагијатот се појавил во Европа во 18 век по нашата ера, и тоа во времето на романтизмот. Дотогаш, уметниците и другите автори не биле осудувани за плагирање. Напротив, биле поттикнувани да ги копираат делата на врвните мајстори за да се избегне „непотребен пронајдок“!

Идејата е оригиналот, а копирањето е еден вид киднапирање на оригиналната идеја. Не од светот на идеите, туку од светот на материјата. Така, во светот на технолошките изуми постои вистинска хајка меѓу „авторите“. Поради оваа тензија, тие живеат во еден извитоперен кошмар на продолжена анксиозност, на граница на параноја, постојано стравувајќи дека некој ќе им „џапне“ дел од нивниот ум. Само генијалниот ум во конекција со изворот на брилијантноста знае дека кражбата е непотребно губење талент, напор и време на оние што мака мачат со своите недостатоци.

Мегаломаните секогаш имаат проблем со овој вториот свет, светот на појавното. Поради вроденото перде на окото, тие немаат увид во големата слика. Да се види таа помага во решавањето и на оние портабл загатки на коишто и една сфинга би можела да се вчудовиди.

Така е и со оригиналот на идејата „Македонија“. Плагијатите имаат потреба од географски одредници зашто стравуваат дека ќе ја загубат територијата што ја немаат. Еднаш парадокс, засекогаш загатка! Плагијатите имаат потреба од граѓанска војна, од егзодус. Во име на народот, плагијатите си прават етничко самочистење. Како копија во постојано бледнеење, на работ на своето исчезнување, тие го немаат својството на оригиналот да се самообновува. Плагијатот ја нема саморегенерирачката способност на отсечената опашка од рептилите. Плагијатот има сè освен третата димензија. Тој е проекција во две димензии. Плагијатот нема длабочина.

Оттаму, плагијатот нема разбирање, ниту емпатија. Плагијат што веќе украл една идеја и се престорил во клон нема капацитет за натамошен развој. Плагијатот не сфаќа што сака да каже непознатиот автор кога вели:

Live without pretending
Love without depending
Listen without defending
Speak without offending

Живеј непретенциозно
Љуби без да се врзуваш
Слушај без да се браниш
Зборувај без да навредуваш

Најголемата сила на човештвото е во ненасилието, лаконски би рекол Ганди. А, Делчев би се надоврзал дека ако тиранијата е насилство, тогаш револуцијата е насилство против насилството…

Водата не се подига за еден ден за да стаса до точката во којашто може да ја пробие браната што ја задржува. Потребно е време. Водата се подигнува полека, постепено. Но, кога еднаш ќе го достигне потребното рамниште, уривањето е брзо и браната пропаѓа за миг.

И покрај тркалезноста на земјава, и покрај тоа што се врти, во нејзиното „округло, па на ќоше“ демнеат купишта перспективи, можеме да (у)видиме на google earth.

Од нив, погледот на свет може до толку да се прошири што на крајот парадигмата ќе доживее целосна промена – револуција! Револвирање значи едно свртување во круг околу сопствената оска и враќање на почетната позиција. Овој принцип е применет и кај револверот.

Во политичка смисла, револуцијата е радикален пресврт на општественото уредување.

Од првиот револвер до современиот степен на ненормална и апсурдна развиеност на воената индустрија не поминало многу. Едно црешово топче не отепува безброј непријателски војници. Но, во голема мера придонесува за нашата самодоверба. Еден од главните услови да се излезе како победник од каков и да е судир. Без фетиши. Какви се тие воини што се потпираат само на оружјето!

Ремарк, со право вели: „Човекот е посилен од судбината сè додека не се предаде“. Старо војничко правило.

Во што е силата на судбината? Дали судбина значи еден прост синџир на причини и последици, врзани меѓусебно со лепилото на навиката? Ако мрзата е причина, последиците може да бидат несогледливо страшни. Но, со промена на навиките сè се менува. Менувајќи ја причината, се менува структурата на синџирот. Се создава инаква последица. Ако се сака, се разбира!

Според некои испитувања, во неврофизиологијата постојат два типа цивилизации. Едни агресивни зашто во својата генетска матрица го имаат врежано кодот на насилството. И други, мирољубиви и отворени за развој. Во детството на нивната колективна матрица има(ло) ‘галење‘! Љубовта на родителот и неговиот благороден пристап кон воспитувањето се клучот за ДНК што ветува освојување нови светови без уривање на старите. Едноставно, се надраснуваат. Да се зрее на раат е привилегија на високоразвиени цивилизации што си го одработиле културниот прогрес стекнувајќи ги добрите навики во детството.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top