| четврток, 6 декември 2018 |

Европскиот првак Хамбург на чекор до пласман во ЛШ

Европскиот ракометен првак Хамбург е на добар пат да се избори за право да ја брани титулата освоена лани, по ремито 30-30 против Фуксе Берлин во првиот дуел од баражот за пласман во Лигата на шампионите. Двете екипи лани играа во елитната европска лига, Хамбург дури успеа и да стане првиот шампион на стариот континент што претходно играл и квалификации, но за оваа сезона не успеаја да се изборат за директно учество со добар пласман во Бундес-лигата. ЕХФ одлучи двата германски тима да играат двомеч меѓусебе за едно место во ЛШ.

Во Берлин синоќа и двете екипи имаа шанса за победа, но мечот заврши нерешено со по 30 гола во двете мрежи, па сега Хамбург има предност бидејќи е домаќин во реваншот. Шампионите на Европа водеа со 12-7 во првиот дел, но Фуксе предводен од Игропуло и Хорак, кои беа најефикасни со по 6 гола, направи пресврт и на полувреме замина со предност од 18-15. Во вториот дел домаќините имаа и 4 погодоци предност (20-16), но Линдберг, Дувњак и соиграчите не дозволија пораз на Хамбург, а ремито им носи помирен реванш.

Квалификации ќе игра и македонскиот вицешампион Металург, а противник е ПИК Сегед. Натпреварите се играат на 28 август во Скопје и на 1 септември во Унгарија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top