| четврток, 6 декември 2018 |

Тројца затвореници избегаа од Идризово, едниот е убиец

idrizovo-Small

Тројца осуденици, од кои еден осуден за убиство, побегнале од затворот во Идризово, јави „Телма“.

Суад Јусуф, еден од двајцата осудени за двократното убиство кај Злокуќани во 2006 година, го искористи отсуството за викенд за да избега од казнено-поправниот дом „Идризово“. Тој и уште двајца затвореници, по слободниот викенд, не се вратиле во затворот на доотслужување на казната.

Директорот на Идризово, Живко Пејковски, во телефонски разговор го потврди случајот за телевизијата посочувајќи дека веќе се распишани потерници по тројцата затвореници.

Суад Јусуф е осуден на 15 години затвор. Тој и Нехад Сулејамни беа обвинети дека се извршители на грозоморното убиство, мотивирано од крвна одмазда, во кое настрадаа Бранко Ивановски и Љупчо Атанасовски. Иако првично беа осудени на доживотен затвор, Врховниот суд ја укина, а Апелацискиот ја ублажи казната. Јусуф и Сулејмани за време на судењето тврдеа дека се невини и дека се осудени без докази. Од останатите двајца затвореници кои се во бегство, едниот, исто така, е сторител на тешки кривични дела, за кои е осуден на 15 години затвор, од кои има одлежано девет. Вториот е осуден на една година затвор, а досега во Идризово поминал 7 месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top