Пожарот во затворот „Идризово“ кој се случи во понеделникот го предизвикале затвореници, за да не им бидат земени мобилните телефони од затворската полиција, соопштија денеска од Управата за спроведување на санкции.
Вечерта околу 22 часот директорот на затворот дал наредба да се изврши претрес во ќелиите оти имале информации дека затворениците нелегално поседуваат мобилни телефони. Тие откако почнал претресот, покрај што предизвикале пожар, ги кршеле и водоводните цевки па се направила и поплава.
„Дел од осудените лица, со цел да го спречат претресот предизвикаа пожар во една од ќелиите, додека пак други осудени лица предизвикаа намерна материјална штета при што дојде до истекување на поголема количина на вода. По завршувањето на овие настани, ситуацијата беше ставена под контрола на затворските службеници, а претресот продолжи и во сите останати ќелии. За време на претресот беа одземени вкупно шест мобилни телефони“, велат од Управата за извршување санкции.
Од таму додаваат дека осудените лица немаат право да поседуваат мобилни телефони, а од страна на затворот се обезбедува телефон и контакт со блиските.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.