| четврток, 6 декември 2018 |

Уште еден македонски автомобил си доби грчки поздрав

Нов случај на оштетено возило пријавил македонски државјанин кој престојувал во Грција, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи. Со ова, вкупниот број вакви инциденти летово достигна 43.

На граничниот премин „Богородица“ вчера, С.Ј. од Кавадарци кој управувал патничко возило „мерцедес“, пријавил дека во туристичкото место Неа Врасна, со спреј му биле испрскани ознаките МК на двете таблички од возилото. Оштетувањето не го пријавил и во грчката полиција.

Според МВР, од вкупно евидентираните 43 оштетувања кои ги пријавиле македонските државјани, 32 се кражби на регистарски таблички, од кои во 24 случаи се украдени обете таблички. Предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и Неа Пори со шест.

Од вкупниот број случаи, 27 се пријавени и во грчката полиција, но досега МВР се уште нема добиено никаква информација од тамошните колеги.

Вкупно 20 од македонските граѓани кои пријавиле кражба или оштетување се од Скопје, а останатите се од други места во државава

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top