| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватите бронзени на СП

За селекцијата на Хрватска по денешните 31-26 со северните соседи Словенците, трета бронза од последните четири големи ракометни натпреварувања

Хрватските ракометари во борбата за бронза на 23.Светско првенство само го демонстрираа тоа што го имаат, а и вечерва во Сан Жорди во Барселона, се покажа дека поседуваат повеќе од соседите Словенците. 31-26 за нова бронза на коцкестите по таа минатиот јануари во Србија и по онаа од мундијалот пред две години во Шведска, и вкупно петти медал на СП. Чупиќ и Дувњак со по 8 голови и голманот Алчиловиќ со 9 одбрани беа најдобри во составот на селекторот Голужа за мала сатисфакција што Хрватска нема да го види утрешното финале.

По мечот кој содржеше неизвесност само во првото полувреме кога беше 14-13 за победникот, а одлично го судеа нашите арбитри Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, за словенците ќе остане тага што не дојдоа до медал кога веќе за прв пат играа во завршниот квартет и што до вчера имаа седум победи во низа, но од друга страна тие го заработија статусот хит на овој шампионат. Во словенечкиот табор вечерва најефикасен беше Кавтичник со 4 погодоци, а најдобар голманот Прост со 13 одбрани.

Утре од 17.15 во Барселона се игра финалето на ракометното СП меѓу Шпанија и Данска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top