| четврток, 6 декември 2018 |

Приказната за Ѓоковиќ: Таткото земал пари од лихвари за синот да стигне до врвот

Лихварите ми наплатуваа и до 15 проценти камата за позајмените пари, но морав да му помогнам на Новак да продолжи да се развива. Имав бизнис што ми носеше приход, но не беше недоволно за да може син ми да тренира на потребното ниво, со врвни тренери и екипа околу него, ја почнува приказната Сретен Ѓоковиќ, таткото на најдоброрангираниот светски тенисер Новак Ѓоковиќ.

sreten

 

Во интервју за српски „Курир“ тој открива досега непознати детали, како се развивала кариерата на Новак, тенисер што досега само од настапите на тениските турнири заработи 51 милиони долари.

– Знаевме дека тенисот е скап спорт, а пресврт настана кога Јелена Генчиќ ни објасни дека Новак е вистински бисер. Ми рече дека поголем талент не видела од времето на Моника Селеш. Тоа беше охрабрување за нас да продолжиме со сите сили да му помагаме на Новак. Го продадовме целото злато што го имавме, а цели 17 години живеевме под кирија. Нѐ бркаа од станови поради неплатена кирија, но син ми беше упорен. Велеше дека сака да биде најдобар на светот. И одлучивме да ризикуваме, да одиме докрај – додава таткото на Новак.

Квалитетот, за среќа, исплива на површина, а Ѓоковиќ владее во светот на тенисот во последните неколку години. Во 2008 година со триумф на првиот гранслем во сезоната, на ОП на Австралија, го потврди екстра-талентот. Потоа имаше мал застој, но се врати и сега е на врвот.

Во 2011 година експлодира и освои три од четирите трофеи на најценетите светски тениски турнири. Почна со Мелбурн, не успеа само на Ролан Гарос во Париз, а потоа ги нанижа и Вимблдон во Лондон и њујоршкиот гранслем, ОП на САД. Беше и победник во Дејвис-купот со Србија, а нанижа и серија од 42 меча без пораз. Ноле игра страшно добро и се промовира во водечка сила во светот на тенисот.

– Успесите на Новак почнаа да им пречат на конкурентите. Рафаел Надал му беше пријател сѐ додека го победуваше син ми. Потоа се сврте плочата. Новак почна да го победува и веќе не беа пријатели. Федерер е веројатно најдобриот тенисер во историјата, но како човек е поинаков. Почувствува дека доби наследник, што е подобар од него во последните неколку сезони и веднаш го промени ставот. Го нападна Новак во Женева за време на натпревар од Дејвис-куп. А, мојот син има добар збор за сите и ги почитува ривалите. Успехот на Новак е неверојатна работа, а многумина не сакаат да ја прифатат реалноста – вели Сретен.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top