| четврток, 6 декември 2018 |

Андреа Лекиќ – Срцето на новиот Вардар (видео)

Vardar rakomet zeni nov tim press  (2) (Custom)Женскиот ракометен клуб Вардар за краток период направи целосна трансформација и го смени рувото од просечен македонски прволигаш во дрим-тим. „Црвено-црните“ имаат застрашувачки моќен состав со мегаѕвезди и од нив се очекува атак на европската круна.

Македонија го имаше Кометал Ѓорче Петров, гигант во женскиот ракомет и поранешен европски првак, а сега се создаде нов тим, што го има истиот шарм и капацитет, за да се вивне до врвот на стариот континент. Дел од црвено-црното ракометно семејство е и една од најдобрите плејмејкерки на светот, Андреа Лекиќ. Српската интернационалка игра на позиција што е срцето на секој тим, а во Скопје пристигна со шампионскиот прстен, освоен со екипата на унгарски Ѓер.

Randers HK vs Gyori Audi ETO KC

Љубителите на ракометот во Македонија ја паметат како 21-годишна девојка, од европското првенство што го организиравме во Скопје и во Охрид во 2008 година. Лекиќ се претстави во извонредно светло, иако Србија испадна во првата фаза по групи. Како шило се пробиваше низ противничките одбрани, презентирајќи го раскошниот талент, со голови, асистенции и атрактивни потези. Почна со 9 погодоци против Хрватска, 8 им даде на Германките, а гол помалку постигна против Македонија. И тогаш и сега, 5 години подоцна, воопшто не изгледа застрашувачки, корпулентно, па дури се чини дека е премногу нежна да се носи со противничките. Особено во спорт каде има жестоки дуели, многу контакт и динамика. Супериорната техника е најсилното оружје на Лекиќ, а од неа се очекува да биде главниот двигател на моќниот состав на Вардар.

Имам убави спомени од првото гостување во Македонија, на европското првенство во 2008 година. Бев импресионирана од атмосферата, од тоа колку се сака ракометот кај вас. Незаборавни беа моментите со виорењето на големото знаме на трибините. Ја паметам навивачката песна од Тоше Проевски, подршката и симпатиите кон нас, љубезноста на луѓето во Скопје. Спомените се уште посилни, бидејќи играв добро, иако ми е жал што Србија не го мина првиот круг. Сега по вторпат ќе играм во Македонија, овојпат на клупско ниво и се надевам дека ќе ги задоволам вкусовите на ракометната публика, која знае да цени квалитет – вели Лекиќ.

Целото интервјуто со 26-годишната ракометарка од Белград прочитајте го во печатеното издание на неделникот „Република“, што ќе излезе утре. Лекиќ која е единствената ракометарка што постигнала гол меѓу нозе, говори за личните амбиции, за можностите на ЖРК Вардар, за дрим-тимот на „црвено-црните“, за „печалбарскиот“ начин на живот, за талентот за карате и зошто се одлучи да игра ракомет, за победите и поразите и за многу други интересни детали од досегашната кариера..

 

Прекрасниот гол низ нозе на Андреа Лекиќ против Турција

и против Олчим Влчеа во дресот на Ѓер.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top