Македонската јуниорска кошаркарска селекција се пласираше во втората фаза од ЕП откако вечерва ја победи Финска (68-62) во директната пресметка за второто место во групата А.
Натпреварот почна со одлична игра на Македонија и експресно водство од 10-0 во првите три минути од почетокот, но Финците по нивниот прв тајмаут ја намалија нашата предност. Во втората четвртина противникот стигна и до првото водство, но како пресуден сепак се покажа квалитетот на нашите кошаркари, пред се на Андреј Магдевски, кој погоди неколку важни шутеви и овозможи нашите кошаркари резултатски да се одлепат во самиот финиш. Финците почнаа да погодуваат тројки во последниот период, но сепак немаа сили да се вратат во мечот.
Андреј Магдевски со 23 поени и 5 скокови и 4 асистенции беше најзаслужен за овој триумф, а за одбелеување се и Кристијан Николов со 16 поени, Даниел Начевски со 11 поени, Дарио Митров со 9 поени како и на Љубомир Младеновски, кој постигна 3 поени, но оствари и 9 скока.
Македонија во втората фаза ја очекуваат дуели со уште посериозни противници, натпреварите на ЕП ги продолжува во групата Е заедно со лидерот од нашата група, Полска како и со Германија и со Холандија, кои беа најдобри во групата Б. Утре е ден за одмор на струмичкиот шампионат, а задутре жолто-црвените ќе ги одмерат силите со германските кошаркари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


