| четврток, 6 декември 2018 |

Зидојче цајтунг: Гоце Смилевски лансира изненадувачки светски успех

            sestrata-na-zigmund-frojd„Со романот Сестрата на Зигмунд Фројд македонскиот автор Гоце Смилевски лансира изненадувачки светски успех“, пишува германскиот дневник „Зидојче цајтунг“. Во својата критика Феликс Штефан подвлекува дека „фиктивната автобиографија на Адолфина Фројд во делото на Смилевски е издигната на ниво на врвен роман“.

Угледниот германски неделник „Ди цајт“, во својот број од 11 јули, ја објавува критиката на Инса Вилке во која, меѓу другото, се вели: „Се работи за автор кој ги развива своите приказни од големите концепти кои ги револуционирале Европа и светот. Претензијата на Смилевски е да ги поврзе таквите теории и нивните музејски смрзнати протагонисти со животните раскази на нивното време и да ги отвори кон сегашното“.

Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски на германски е објавен неодамна во издание на „Матес унд цајц“ од Берлин. Автор на преводот е Бенјамин Лангер, професор на Слободниот универзитет во Берлин.

За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската унија, а минатата година Наградата за медитеранска култура.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top