| четврток, 6 декември 2018 |

Романот од Гоце Смилевски „Враќањето на зборовите“ објавен на словенечки

Познатиот словенечки издавач „Цанкарјева заложба“ од Љубљана неодамна го објави романот „Враќањето на зборовите“ од Гоце Смилевски. Делото на Смилевски се појави во превод на словенечки јазик на еминентната книжевна теоретичарка и преведувачка Соња Должан.

eloiza-slovenija

Првите критички одгласи за „Враќањето на зборовите“ го свртуваат вниманието на читачката публика во Словенија. Во најтиражниот дневен весник „Дело“, критичарката Валентина Плахута Симчич подвлекува: „Гоце Смилевски на провокативен начин ја оживува историјата при што една од најпознатите средновековни приказни со овој роман добива храбра интерпретација“. Според Валентина Плахута Симчич „романот е напишан чувствено, сензибилно, а ликот на Елоиза излегува од сенката на машкиот лик и на светлоста добива облик, физиономија и идентитет.“ Во љубљански „Вечер“ е објавен оглед за романот „Враќањето на зборовите“ во кој критичарката Петра Видали констатира дека прашањата кои ги отвора делото на Смилевски „се усмерени на нашето време“.

На словенечката читателска публика Гоце Смилевски до сега им беше претставен со романите „Разговор со Спиноза“, објавен во едицијата за преводна литература на издавачот „Шкуц“, и со „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во издание на „Цанкарјева заложба“ од Љубљана.

Најновото дело на Гоце Смилевски, романот „Враќањето на зборовите“, на македонски се појави минатата година, во издание на „Дијалог“ од Скопје, а до сега е преведен на чешки, бугарски и словенечки јазик. Неговите романи се објавени на 36 јазици во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top