| четврток, 6 декември 2018 |

Аџиев: Писателите бараат нивни колеги да бидат лустрирани, а потоа ги бранат

tome adzievОпструкциите и критиките за процесот на лустрација доаѓаат од организирани центри кои се во функција на заштита на една лажна елита, која во минатото е создадена со лажење и кодошење на неистомислениците. Ова се дел од констатациите на првиот човек на комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев, кој последниот период, особено по обелоденувањата на значајни имиња од МАНУ, стана предмет на секојденвни критики. Во саботното интервју за Прес24, Аџиев вели дека овие критики не ги чувствува како притисок, туку како големо разочарување, но и потврда на некои ставови и мислења,  кои долго, долго, во јавноста лебдеат дека “има нешто труло во (нивната) држава Данска”.

–       Во почетокот на мандатот, додека Комисијата се организираше, додека  ги донесе актите и го воспостави системот на работа, од овие исти кругови беше критикувана зошто се уште нема резултати, да сега,  кога процесот влезе во целосна реализација, а особено кога на увид на јавноста почнаа да излегуваат имињата на некои “значајни” личности тие истите кренаа уште поголема прашина, вели Аџиев.

Аџиев вели токму, Чедомир Дамјановски, е задолжен за опструкција на работата на комисијата. Според него тој е двигател на сите реакции во јавноста.

– Тој, како да е уфрлен адвокат на “кодошите” пред  Комисијата и јавноста. За жал, еве и по четири и пол години човекот ниту го разбра процесот на лустрација, ниту неговата улога на член на Комисијата. Јас стално му го поставувам прашањето, зошто, кога не се согласува со процесот на лустрација не си даде оставка од членството во Комисијата и се ослободи од овој, за него, голем товар. Сметам дека му  е многу тешко на душата, како човек,  да се преставува како член на Комисија за верификација на факти, со формално-правно уредени права и обврски,  а да се бори сам со себе и со своите сваќања, кои очигледно се спротивни на законот и целиот процес на лустрација. Човекот, секојдневно се измачува да измисли нешто што би “залепило пред јавноста”, а  на штета на Комисијата, на процесот на лустрација, а секако и на Република Македонија, вели Аџиев.

Аџиев вели дека лустрацијата на академиците, писателите, уметницте не е пресметка и омаловажување на нивните дела, туку обелоденување на нивните политички врски од минатото.

-Нека не бидат со двојни гледања. Од една страна Комисијата ја “бомбардираат” со анонимни барања, посочувајќи нивни членови да бидат “лустрирани”, а од друга страна јавно искажуваат сосема поинакви ставови, вели Аџиев, потенцирајќи дека за него е многу сиптоматично, “како тоа Академијата и Друштвото на писателите на Македонија разбраа (или можеби знаеја) за кого се однесува нешто што воопшто не излезе во јавноста од Комисијата”, алудираќи на досието на Славко Јаневски, по кое и се крена бурата.

– Дали некој почувствува и се препозна, дека сега кога  ќе се отвори “пандорината кутија на кодошите”, следните, можеби тие се на дневен ред. Тоа не можам да го утврдам. Но факт е,  дека тие го обелоденија тоа име, и го “предадоа на јавноста”. Доколку не беа толку себични и сурови, јавноста воопшто немаше да добие сознанија за таа личност, вели, Томе Аџиев.

Во интервјуто уверува дека комисијата нема селективен пристап и работи според законите.

-Еве, го користам ова интервју да повикам, секој кој поседува валидни сознанија и податоци за некое лице дека бил соработник,  нека ги достави до Комисијата, таа веднаш ќе отпочне со постапка за утврдување на фактите. Ве уверувам дека Комисијата, воопшто не селектира кој е близок до власта, а кој до опозицијата. Таа само “гледа” кој бил соработник и ништо повеќе, вели Аџиев.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top