| четврток, 6 декември 2018 |

Убиен Албанец на Крф по расправија за името на Македонија

Грчки и албански медиуми јавуваат дека убиството на етнички Албанец на островот Крф извршено минатата недела било предизвикано од расправија за името на Македонија и за границата меѓу Албанија и Грција, а
убијците биле грчки националисти.

Телото на 63 годишниот албански државјанин Петрит Зифле било пронајдено кај градчето Лефкими, на јужниот дел на островот Крф, кој се наоѓа блиску до Албанија, на почетокот на минатата недела.

Според грчкиот медиум Пресрум, Зифле посетил кафуле во близина на Лефкими, каде влегол во расправија со грчки посетители околу името Македонија. Расправијата се пренела и на договорот за морската граница
меѓу Грција и Албанија, кој се однесува и на водите околу Крф.

Коментарите на Зифле биле сфатени како навреда од страна на грчките националисти во кафулето, по што еден од нив земал ловечка пушка и го застрелал Зифле. Неговото тело било фрлено во ендек близу Лефкими.

Грчката полиција неколку дена го истражуваше убиството, без да изнесе детали за поводот за нападот врз Зифле, за дури денес да биде објавена причината.

Албанската телевизија Топ Ченел јавува дека убијците биле припадници на грчката нео-фашистичка група Златна Зора, а дека извршителот е 44 годишен Грк од Лефкими кој бил дури и кандидат за
пратеник на Златна Зора.

Ова е најновиот во серијата инциденти меѓу Грција и Албанија, при што уште тројца Албанци беа пронајдени мрвти или убиени во Грција во изминатата недела. Најсериозниот ваков инцидент беше убиството на
грчкиот националист Константинос Кацафис од страна на албански специјалци, по престрелка јужна Албанија. Инцидентот предизвика размена на дипломатски ноти меѓу двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top