| четврток, 6 декември 2018 |

Закинтос: Петорица Срби осудени и двајца ослободени за убиството на Американецот, мајката на Бакари во шок (Видео)

Најголема казна добил Душан Ранковиќ, и тоа од 10 години затвор.

Ненад Јовановиќ и Синиша Петровиќ, кои се бранеле од слобода и се товарат за учество во тепачка во која бил убиен американскиот студент Бакари Хендерсон на Закинтос, биле ослободени од обвиненијата. Со одлука на судот ослободен бил и шанкерот Јоргос Скијадопулос, кој по измената на обвинението повеќе не се товарел за убиство, туку за тепачка.

Во понатамошниот тек на судењето, петорица Срби денес биле осудени на затвор од 5 до 10 години, поради нанесување на тешки телесни повреди на Американецот Бакари Хендерсон во јули минатата година на Закинтос.

Тие се осудени за кривично дело тешка телесна повреда, а не за тешко убиство, како што тврдело обвинителството во текот на постапката.

Најголема казна добил Душан Ранковиќ и тоа 10 години затвор, Милош Илиќ, Стефан Стојановиќ и Немања Ристиќ добиле 10 години затвор, како млади полнолетници, додека Милош Сениќ добил 5 години затвор.

Амир Омарџиќ, англиски државјанин со босанско потекло, е осуден на 15 години затвор.

На оваа пресуда постои право на жалба во рок од два месеци, на која можат да се жалат и осудените и грчкото обвинителство.

Мајката на убиениот Американец: Ова не е правда за убиството

Родителите на Бакари, Фил и Џил Хендерсон, по изрекувањето на пресудата рекле дека правдата не е задоволена.

“Да се случува ова во Америка, резултатот би бил поразличен. Не можам да верувам дека го убиле, го фрлиле и го шутирале како куче, а не покажаа каење за тоа што го направиле. Мислам дека ова не е правда за убиството, тие брутално го убиле”, рекла мајката на Бакари, Џил, и почнала да плаче. Адвокатот на семејството Хендерсон додал дека “ова е лош ден за правдата”.

Еден од адвокатите на Србите, Зора Добричанин Никодиновиќ, за “Tanjug” рекла дека е задоволна со пресудата и оценката на судот дека не станува збор за убиство, како што од почетокот се тврдело.

Бакари Хендерсон бил убиен на островот Закинтос вечерта меѓу 7-ми и 8-ми јули 2017-та година во клубот “Бар код” во местото Лаганас.

точка.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top