| четврток, 6 декември 2018 |

Што уште треба да се случи за Оливер Спасовски да си поднесе оставка

Откако дојде на министерското место во МВР, Оливер Спасовски е креатор на скандали. Јавноста е сведок на секојдневни скандали поврзани со Министерството за внатрешни работи и министерот Спасовски. Безбедносната состојба во државата евидентно е влошена, стапката на криминал расте, нерасчистените случаи ги наполнија фиоките на инспекторите. За убиства, киднапирања, кражби и банки со испразнети сефови слушаме и читаме речиси секој ден на медиумите во делот на црната хроника. Полициските билтени никогаш до сега не давале толку темна безбедносна слика за Македонија.

Еден од многуте скандали е злоупотреба на службено возило. Во ниедна директива на ЕУ не е пропишано дека службени возила треба да се користат за превоз на деца на функционери по морските плажи, а Оливер Спасовски четири дена криеше што бара службениот полициски џип на плажа во кампот Евридики. Согласно уредбите на МВР, полициски службеник кој патува во странство, мора да го најави своето патување и да ги образложи причините за истото. Доколку патува службено, за истото мора да има наредба и патен налог.

Стоилковски: Оливер Спасовски четири дена крие што бара службениот полициски џип на плажа во кампот „Евридики“

Оливер Спасовски молчеше и за деталите за случајот со убиеното 21 годишно момче Никола Саздовски – Саздо. До денеска не одговори кој е третиот што учествувал во убиството и зошто досега не е приведен?

Истото сценарио беше реализирано за бегството на убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев, кој беше убиен пред својот дом. Сеуште не е даден одговор дали во автомобилот со кој што дошле убијците имало и четврто лице? Кое е тоа лице и зошто нема пријава за помагање на истото? Кои се инспекторите кои што го квалификуваа убиството како насилство? По чија наредба оваа брутална ликвидација ја квалификуваа како поблаго дело, а не како убиство што впрочем е? Зошто нема постапки против нив?

Оливер Спасовски мора да си замине од Министерството за внатрешни работи. Оливер Спасовски мора веднаш да си поднесе оставка. Тој веќе нема никаков морален кредибилитет да го води МВР и да биде негов министер.

Како се девалвираше МВР: Скандалите на Оливер Спасовски

Спасовски всушност ја започна својата кариера со креирање на хаос во Министерството и целосна депрофесионализација. Тој влезе во МВР како привремен министер во ноември 2015 година до мај 2016 година, и потоа од септември 2016 година до крајот на декември 2016 година, како дел Пржинскиот договор.
На 31 мај минатата година беше избран за министер за внатрешни работи, а првата одлука на тогаш новиот министерт за внатрешни работи беше одземање на сите овластување на раководните лица во МВР и со тоа Спасовски ги донесе во прашање функциите на државата.

И тоа не е се. Уште еден од низата скандали на Спасовски е немањето притвор за неговиот советник С.Д. кој беше приведен во полициската станица во Кисела Вода, а за кој МВР излезе со детали, добил мерки на претпазливост. Соработникот на министерот за внатрешни работи остана без пасош, треба да се јавува на суд и веќе нема да оди на работа.

Ликвидација на Јанушев е случај без епилог. Младиот фудбалер Мартин Јанушев беше ликвидиран пред неговиот дом. 28- годишното момче беше брутално егзекутирано со 5 куршуми, на улица пред голем број очевидци, а убиецот непречено си замина од местото на злосторството. Целата јавност, целиот град, половина час после убиството веќе зборуваше кој е убиецот. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски со својот молк и со своето непостапување, само ги потврдува стравувањата на граѓаните дека доколку си близок со врвот на раководството на партијата, можеш да избегаш и одговорност за убиство.

Нацев: Оливер Спасовски да си поднесе оставка – убиецот на Јанушев една недела се шета на слобода

Тука се и скандалите поврзани со МВР. Првиот поголем инцидент во кој беа вклучени припадници на МВР беше кога полицаец пукаше во две малолетни деца во Струмица. Тогаш МВР констатира дека полицаецот во Струмица неосновано, неоправдано и неправилно употребил огнено оружје. И покрај заклучокот на Одделот за внатрешна контрола во МВР нема одговорност за настанот. Спасовски во овој случај го заштити полицискиот службеник кој за малку ќе одземеше животот на двајца малолетници, но не ја заштити полицајката која си ја вршеше својата службена должност.

Пaвловски: Kолку мртви и повредени треба да има за Спасовски да сфати дека не е компетентен за улогата што му ја довериле

Полицајката Јасмина Јаначковска беше спречена во вршење на својата должност и физички нападната од страна на висок функционер на ДУИ, Бекир Асани. Асани физички ја нападнал полицајката која сакала со возило пајак да му го отстрани неправилно паркираното возило. Токму поради тоа таа била пренесена на клиника. Наредниот ден таа беше повикана кај министерот Спасовски по што ја промени изјавата и рече дека била само вербално нападната од Асани, а случајно се повредила и сама се удрила во возилото пајак. Од настанот постојат и видео снимки, но поради непознати причини не се објавуваат во јавноста.

Уште еден во низата скандали е оној поврзан со Спасовски и МВР со злоупотреба на службената должност на близок соработник на Спасовски кој на дело бил фатен како прима поткуп. Тој е висок функционер во МВР и советник на Спасовски партиски кадар лично избран од министерот на позицијата.

Нерасчистени убиства се чини се најголема болка. Во Македонија во изминатиов период се случија низа на нерасчистени убиства. Односно во овој период се случија повеќе од седум потврдени убиства. Се започна во Струга каде среде бел ден беше убиен Дилавер Бојку на плажата Аква Блу. Од полицијата тогаш изјавија дека трагаат по стрителите, оттогаш помина многу време.
По овој настан се случи и убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев, случај за кој на полицијата наводно и беа познати сторителите, но се уште не се наоѓаат зад решетки.

Ѓорѓиевски: Една година од свиеропото убиство на младиот фудбалер Јанушев, убиецот е се уште на слобода

Се случи и убиството во Чаир на автобуска станица пред средно училиште каде почина 24-годишно момче. Момчето беше убиено со автоматско оружје, а и тогаш од МВР само објавија дека се на терен и работат на расчистување на случајот.

Повеќе десетици возила беа опожарени во целата земја, a ниту еден инцидент не е расветлен откако Оливер Спасовски е министер за внатрешни работи. Четири возила паркирани на улицата „Марко Елисија Поповски“ на Водно беа опожарени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top