| четврток, 6 декември 2018 |

За Заев барањата на осумтемина пратеници се прифатливи, за имплементација ќе се разговара со грчката влада(видео)

Четирите барања на осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои ќе функционираат како посебна пратеничка група, се прифатливи за премиерот Зоран Заев. Но, дали тие ќе може да се имплементираат во нацрт-амандманите, во наредниот период ќе одлучуваат и разгледуваат правни тимови на Министерството за правда и Владата.

Зоран Заев по средбата со осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои гласаа за почнување на процесот за уставните промени, рече дека се разговарало за нивните барања.

-Темата на денешната консултативна средба беше постапката за подготвување на нацрт амандманите да разговараме за првите три точки од вкупно четири што беа испорачани до мене како претседател на Владата и до Владата на РМ, како правно-формални изготвувачи на нацрт амандманите, за да бидат вградени токму оние елементи што се важни за нив. Можам да констатирам дека во тој дел изнајдовме конкретни насоки за нас како изготвувачи на амандманите во делот на зајакнување на македонскиот идентитет, и во делот на гаранцијата дека процесот до крај ќе биде спроведен и нема да биде блокиран од Грција, односно, гаранција дека уставните амандмани ќе влезат во сила по ратификацијата на договорот во грчкиот парламент. Исто така се согласивме и за насоките во делот на употребата на новото име за внатрешна употреба- рече Заев.

Било договорено заменик на телото за национално помирување да биде пратеник од новата пратеничка група. Заев, по средбата, повтори дека барањето за амнестија не е прифатливо и дека националното помирување се прави во Собранието, кое е составено од пратениците.

„Втората точка на оваа наша денешна средба за консултации беше четвртата точка од барањето, односно создавањето на Координативно тело во Собранието на РМ во кое што треба да се зборува за помирувањето, кое што треба да се случи во Република Македонија. Знаете дека јас тоа и јавно го прифатив вечерта кога се гласаше во парламентот. Денеска на средбата ги разработивме деталите. Остануваат следните чекори за формирање на тоа координативно тело кое треба да биде предводено од претседателот на Собранието, секако доколку тој прифати, да има тројца од членови од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери од Коалицијата за подобра Македонија, како и координаторите на сите пратенички групи во Собранието на РМ. Со формирањето и конституирањето на тоа тело ќе биде разработена целата методологија, аспектите, модалитетите за работа на телото за национално помирување, за кое што постои заеднички интерес да го спроведеме“, рече премиерот.

Тој најави дека пред да бидат пратени амандманите на Уставот во Собранието, ќе има нова средба со пратениците од новата пратеничка група.

Заев рече дека за барањата ќе се консултираат и со грчката влада.

„Не мораме, но ќе се консултираме со грчката влада. Драго ми е што, покрај парламентарното мнозинство, и овој дел од опозицијата ќе биде свесен за тоа дека не е загрозен македонскиот идентитет“, рече Заев додавајќи дека останува на тоа да се зголеми бројката на пратеници што ќе гласаат за уставните измени.

Во пратеничката осумка се пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Елизабета Канческа-Милевска, Владанка Авировиќ, Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајловска-Старова, и Емилија Александрова.

Тие бараат:

1. Прифаќање амандмани на Уставот со кои ќе се гарантира македонскиот идентитет;

2. Прифаќање одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро-атлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани што произлегуваат од имплементацијата на договорот од Преспа;

3. Постепена промена на името за внатрешна употреба следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ;

4. Прифаќање на иницијативата на претседателот на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев, искажана на 61. седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 година за простување во врска со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top