| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на Жени Захариева на „Златна лира 2018“

Во Музеј на Град Скопје, вечерва со почеток во 20 часот, рецитал ќе одржи Жени Захариева – пијано од Република Бугарија. На концертот ќе биде изведен циклусот „24 Прелудиуми“ за пијано од Клод Дебиси.
Жени Захариева е реномирана концертна пијанистка – солистка и камерен изведувач, високо оценета од страна на критиката за своите изведби низ Европа, САД, Далечниот Исток и Африка. Настапувала со филхармониските оркестри на Амстердам, Москва, Лиеж, Норделијк, Софија, Сингапур, „Residentie“ оркестар (Хаг), „Deutsche Streichersolisten“ (Берлин), „Sinfonietta“ (Амстердам), Opera de Massy (Франција), Радио оркестарот на Романија и други. Таа е чест гостин на музичките фестивали низ светот, меѓу кои се издвојуваат „Летен музички фестивал“ (Москва), „Концертен пијано фестивал“ (Амстердам), „Охридско лето“ (Македонија), „Аркадиј музички фестивал“ (Мејн, САД), „Sully-sur-Loire“, „Philomuses“, „Vendôme“ (Франција), „Концертен пијано фестивал“ (Венеција), „Софиски музички недели“, „Варненско лето“ (Бугарија), „Римини“ (Италија). Жени Захариева имаше чест да ја изведе Европската премиера на „Концертот на Америка” од Лало Шифрин, под диригентство на маестро Лало Шифрин. Оваа композиција беше дел од пијано проектот на Фондацијата „Steinway“ и беше посветена на 500-годишнината од откривањето на Америка. Захариева беше првата пијанистка која во 1998 година во Steinway салата во Њујорк целовечерен рецитал на концертно пијано „Steinway & Sons – Rhapsody in Blue“, изградено во чест на композиторот и пијанист Џорц Гершвин. Захариева ја иницира и реставрацијата на легендарното пијано на Клара Шуман од 1832 година, кое се чува во Branitzschloss, Германија. Таа е и првата пијанистка која на него реализира и снимки.

Родена во Софија, Захариева дипломирала пијано на Конзерваториумот Чајковски во Москва (проф. Вера Горностаева, проф. Татјана Николаева). Добитник е на бројни меѓународни награди и признанија. Делува како професор по пијано и камерна музика на Националната академија за музичка уметност во Софија, а е гостин – професор на Националниот музички конзерваториум во Париз, на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, како и на конзерваториумите во Брисел, Венеција, Сан Даниеле, Ротердам, Њујорк, Њу Џерси, Токио, Јокохама, Атина и на други места во светот. Жени Захариева е основач и уметнички директор на меѓународните музички натпревари „Музиката и земјата“, „Алберт Русел“, на Летната музичка академија „Ondine“, претседателка на Сојузот на бугарски музичари и танчери и на Националната асоцијација за заштита на правата на изведувачите, регионална директорка на Асоцијацијата на Пијано дуо од Токио, како и раководител на одделот за балкански држави при Асоцијацијата „Leschetizky“ од Њујорк. Реализирала носачи на звук за EMS, AVM Classics, Gema, Musical Heritage, Балкантон, Ветон.

Дел од рецензиите за Жени Захариева:

„Жени Захариева е прекрасен пијанист од светска класа, имагинативен музичар со истанчено чувство за боја и рубато.“

Heritage Music Review, САД

„Пијанистка од високо ниво …, таа ни нуди богата звучност со длабока внатрешна резонанса, проследена со нијансиран певлив допир со прецизни артикулација. Чин на чистота, достоен за раката на еден мајстор!“

Thierry Guerin “La Republique”, Франција

Влезот за концертот е слободен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top