| четврток, 6 декември 2018 |

Филхармонија доби нов „Стенвеј“

Во Камерната сала на Македонската филхармонија денеска беше претставено пијаното „Стенвеј“, кое е донација за Македонската филхармонија од страна на една од водечките европски компании во областа на градежништвото „Штрабаг“.

По обраќањето на министерот за култура Роберт Алаѓозовски и директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиевски концертното пијано беше презентирано од страна на македонскиот млад и талентиран пијанист Арда Мустафаоглу, кој ја изведе Токатата од македонскиот композитор Властимир Николовски.

Донацијата на концертното пијано претставува историски чин не само за Македонската филхармонија, туку воопшто за музичката култура во нашата земја. Немерлив е квалитетот на овој инструмент со останатите, немерлива е разликата во однос на изведбата, особено кога станува збор за изведба на солист со симфониски оркестар. Токму затоа, мошне значаен чекор е што Македонската филхармонија во својот дом ќе поседува инструмент со врвен звук, на кој ќе можат да музицираат светските и македонските пијанистички ѕвезди.

Македонската филхармонија, пред оваа донација, поседуваше само едно концертно пијано, исто така од марката „Стенвеј“, кое оваа институција го доби во 1992 година од страна на тогашното ПТТ Македонија како донација. Од тогаш поминаа повеќе од две децении и токму во моментов, кога првата музичка институција во земјава доби нов концертен храм, се почувствува огромната потреба и од ново концертно пијано на кое без никакви технички пречки ќе можат да свират славните пијанисти кои настапуваат на подиумот на Македонската филхармонија.

-Македонската филхармонија и овој репрезентативен објект добиваат инструмент достоен на нивото и очекувањата. Ова врвно концертно пијано „Стенвеј“  ќе биде во функција не само за уште поквалитетна работа на вработените во Филхармонијата, туку ќе биде од извонредна помош за организирање на ексклузивни концерти и гостувања на врвни светски музичари, за чие концертирање се потребни врвни услови, рече Алаѓозовски.

Инаку, освен оваа донација, компанијата во текот на годинава ќе обезбеди и едно врвно гостување – австрискиот диригент Густав Кун, кој ќе диригира со оркестарот на Македонската филхармонија на 18 октомври 2018, со изведба на грандиозната Бетовенова Деветта.

-Концертното пијано официјалната промоција ќе ја има на 10 мај, со гостувањето на рускиот пијанист Евгениј Судбин“, истакна директорот на МФ, Виктор Илиески. „Со новата зграда, со новото концертно пијано, Македонската филхармонија живее нов живот, следи успешни настани кои заслужуваат да бидат реализирани во овој дом. Ова е голем чекор за нас кој ќе остави силен печат во македонската култура воопшто, истакна Илиески.

Во име на компанијата која го донираше пијаното се обрати Горанчо Аговски.

-Чест ми е што во името на компанијата го пренесувам огромното задоволство што со ваков чин, донација на концертно пијано, ја завршуваме нашата приказна, нашиот успешен проект Македонска филхармонија“, рече Горанчо Аговски од „Штрабаг“. „Со оваа донација сакаме да придонесеме за успешен концертен живот на оваа институција и веруваме дека ќе успееме да бидеме пример и за тоа како треба да работат останатите компании.“

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top