| четврток, 6 декември 2018 |

МВР не знае колку малолетници се исчезнати во државата: Каква статистика води полицијата за исчезнатите лица?

Вкупн0 282 лица во првите девет месеци од годинава биле пријавени за исчезнати, но МВР речиси да нема никакви податоци за нив. Полицијата не знае колкав е бројот на лицата кои се пронајдени, а биле пријавени за исчезнати. Алармантна е ситуацијата кога се работи за исчезнатите малолетници, пишува порталот „Курир“.

Каква статистика води МВР кога се работи за исчезнатите лица, особено малолетници во Македонија? Од добиените одговори се отвора сомнеж дека МВР или ги крие податоците од јавноста или воопшто не води евиденција за ова прашање.

Полициските билтени секојдневно се полни со информации за пријавени исчезнати лица од кои голем број се малолетни. Не помал е и бројот на пријавени исчезнати малолетни лица кои се штитеници на домовите за деца. Решавањето на овие случаи очигледно не спаѓа во приоритетите на МВР, па се останува само на „пријавен случај“. Реализација нема.

„Курир“ се обрати до Министерството за внатрешни работи за да добие одговор на повеќе прашања поврзани со лицата кои се пријавени за исчезнати на територија на Република Македонија, но оттаму по два дена добивме куса статистика, која е далеку од одговор на бараните информации.

Она што МВР успеа да го најде како податок кој го има е само вкупниот број на пријавени исчезнати лица во првите девет месеци од годинава, и во 2017 година.

Според одговорот кој го добивме во период од јануари до септември годинава за исчезнати биле пријавени 282 лица, но МВР нема никаков податок што се случило со нив. Минатата година 417 лица биле пријавени за исчезнати, но Министерството ниту за нив не знае ништо.

„Курир“, водејќи се според објавените настани во дневните полициски билтени, ги извади податоците за пријавени исчезнати лица во период од 1.10-15.10 годинава.

За 15 дена вкупно пријавени за исчезнати биле 26 лица. Од нив 10 се малолетници, од кои две двомесечни бебиња и четворица штитеници на домовите за деца. Нивната судбина не е позната.

Граѓаните разочарани од МВР

Семејствата и блиските на лицата кои се исчезнати, а пријавени во полиција, многу често се самоорганизираат и покрај пријавата, се обидуваат да ги пронајдат најблиските. Објави со фотографии и податоци за исчезнато лице секојдневно има на социјалните мрежи, граѓаните ги споделуваат апелите, бараат меѓусебна помош, објавуваат информации за исчезнатото лице со лепење на флаери низ градовите. Се пребаруваат терени, се вклучуваат доброволци на помош.

Но, сето ова е во организација на самите граѓани кои според коментарите на социјалните мрежи се разочарани од полицијата, за која велат дека очигледно ништо не работи.

Неводењето евиденција, непознатите податоци за тоа што се случува со исчезнатите лица, особено со малолетниците, самоорганизирањето и недовербата која ја имаат граѓаните во МВР се само потврда за неажурноста на оваа институција која треба да е во служба на граѓаните и да работи за нивните интереси.

 

Последното лице кое е објавено во категоријата за исчезнати лица на официјалниот сајт на Министерството за внатрешни работи е пријавено за исчезнато пред три години, односно на 03.11.2015 година.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top