| четврток, 6 декември 2018 |

Аница Добра: Не пропадна рокенролот!

Не пропадна рокенролот, затоа сме денес овде тука, вели српската актерка Аница Добра (55) која е на гости во Скопје, на покана на фестивалот „Киненова“ каде што ќе ја прими наградата за особен придонес во светската филмска уметност.

Добра беше ѕвездата на југословениот филм „Како пропадна рокенролот“ кој беше многу актуелен во 90-те години на минатиот век.

– Тој филм му се потсмеваше на турбо фолкот, а денес ние го живееме, за жал. Мислевме дека филмот нема да трае многу, но ете, животот не демантираше. Супер е што и денес може да зборуваме за филмот кој беше дипломска работа на тројца тогашни апсолвенти и уште се гледа и по 30 години – рече Добра на денешната средба со новинарите која ја организираше „Киненова“.

Одлично расположена, стрпливо одговараше на сите прашања.

– Многу сум среќна бидејќи сум во Скопје. Едвај чекам да го пробам вашиот ајвар и пинџур – рече Добра, која важеше за секс-симбол од осумдесетите и од деведесетите години.

Долга и богата е нејзината кариера како актерка на филм и во театар. Во нејзината биографијата се запишани „Покондирана тиква“, „Веќе видено“, „Собирен центар“, „Балкан експрес“, „Како пропадна рокенролот“, „Црниот бомбардер“…и уште многу други филмови. Последниве години таа често се појавува во германски филмови но не е многу присутна во јавноста. Добра дебитираше во краткометражниот филм „Пера Панкер“, за филмот „Веќе видено“ во 1987 година на фестивалот во Пула доби награда, подоцна во „Балкан експрес“ уште еднаш ја потврди својата актерска способност и како пејачката во филмот, а во меѓувреме настапуваше во Атеље 212 и во театарот „Звездара“.

– Живееме во време кога релативно малку се снимаат филмови, па моето прибежиште е театарот. Го сакам азилот во театарот. Играм улоги кои ги сакам, важни ми се и се одличен тренинг за она што треба да ми се случи понатаму – вели српската актерка која синоќа пристигна во Скопје од Германиија.

– Сега сум во период кога веќе не можам да очекувам само главни улоги. Во години сум кога треба да играм мајки, баби, тетки. И нема тука суета ни навреда, тоа што работам со млади глумци и со млади продукции ми е водилка за сѐ што ќе се случува понатаму – вели  Добра.

Актерката  се присети на филмот „Црни бомбардер“ и раскажа дека неодамна на музички фестивал ја поканиле да испее песна од тој филм.

– Никогаш немав амбиции да пејам. Пеев ако морав. Но Гиле (Електрични оргазам) пред две години, кога групата славеше 30 години од легендарниот албум „Дисторзија“ ме покани да настапам со нив. Од возбуда толку фалширав, толку лошо пеев, тоа беше ужасно. Но, никој од публиката не ни забележа. Тоа е тој рокенрол кој не пропадна – раскажа Аница Добра.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top