| четврток, 6 декември 2018 |

„Струшка музичка есен“: Музиката помеѓу авторот и публиката

Од 21 до 23 септември во Струга, се одржа музичко-научната манифестација „Струшка музичка есен“ во организација на Сојузот на композиторите на Македонија, која и годинава донесе разновидна, едукативна и научна програма, теми кои начнаа многу прашања и донесоа конструктивни одговори од областа на музичката уметност и педагогијата. Селектор оваа година беше д-р Мирјана Павловска-Шулајковска, а годинашното издание носеше наслов „Музиката помеѓу авторот и публиката“.

Како што кажува и насловот, фокусот на годинашната СМЕ беше разгледувањето на музиката помеѓу творецот и публиката, односно творечкиот момент на создавањето на музичките дела, нивната анализа и перцепција. Како што беше и најавено, оваа тематика понуди широк дијапазон за претставување на трудови и истражувања и наметна прашања кои би резултирале со нови истражувања во областа на музикологијата, етномузикологијата, музичката византологија, танцовата уметност, музичкото образование и педагогија, културната политика и улогата на медиумите во процесот на музичкото дело од авторот до публиката.

И годинава беа претставени научни трудови од областа на македонското музичко минато и совремие, беа одбележани јубилеи на значајни македонски творци, претставени трудови од областа на медиевистиката и византологијата, анализи и предавања од сферата на музичката педагогија, трудови во кои се прави компарација на музиката со поезијата и филмот, балетот и медиумите, етномузиколошки трудови…

Презентациите и предавањата беа збогатени со концерт на ансамблот за современа музика „Кон Темпора“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top